Швајцарецот ги разочара фановите: Федерер поради нов проблем со коленото ги пропушта Олимписките игр
Рожер Федерер стави крај на размислувањата кои траеја во изминатите неколку дена, па денеска пресече и официјално соопшти дека нема да настапи на летните Олимписки игри во Токио.
По елиминацијата на Вимблдон во четвртфиналето, Федерер најави дека ќе мора да се регрупира со тимот и да донесе правилни и неизбрзани одлуки, а денеска одново ги растажи своите верни фанови со објавата дека заработил нова повреда на турнејата на тревна подлога.
Позитивно е тоа што Швајцарецот најавува дека планира да се врати во акција на крајот од летото, што сепак е јасен знак дека не станува збор за некоја повреда од сериозен карактер која би ставила крај на неговата кариера.
– За време на сезоната на трева, за жал доживеав проблем со коленото и морам да се повлеќам од Олимписките игри во Токио. Исклучително сум разочаран, секогаш ми било чест да ја претставувам мојата земја.
– Го започнав процесот на рехабилитација и се надевамк дека ќе се вратам на терените подоцна ова лето. На цел швајцарски тим му посакувам многу среќа, ќе навивам за вас како и секогаш, – порача Федерер кој е само една од многу тениски ѕвезди кои нема да настапат на игрите во Токио.
Рафаел Надал уште одамна се прецрта за Олимпијадата, а дополнителна одлука ќе донесе и Новак Ѓоковиќ кој не сака да игра пред празни трибини во Јапонија.
Comentários