Шах за заштита на бегалци
ФИДЕ СО НОВ ПРОЕКТ
Светската шаховска федерација (ФИДЕ) со поддршка на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, Лутеранската светска федерација (ЛВФ), Шаховската федерација на Кенија и шаховскиот клуб Какума, го започна проектот „Шах за заштита на бегалци“, чија цел е да се консолидира и развие шаховска практика во бегалскиот камп Какума и Калобејеј, населба во Кенија. Проектот започна на 2 август, со церемонијата на отворање преку интернет. На почетниот настан учествуваа шефот на потканцеларијата на УНХЦР, Кахин Исмаил, претставничката на УНХЦР во Кенија, Фатја Абдала, претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, претседателот на Шаховската федерација на Кенија, Бенард Вањала, и други официјални лица.
– Над 55 отсто од бегалската популација во Какума се деца и адолесценти. Важноста од вклучување на младите надвор од наставните активности не може да се потцени. Оваа иницијатива, без сомнение, ќе придонесе за благосостојбата на младите, нивните психолошки потреби и развој – рече Исмаил. И претседателот на ФИДЕ, Дворкович, има позитивен став за најновиот проект, кој треба да биде алатка за подобрување на социјалната средина. – Во ФИДЕ многу веруваме во инклузивен спорт и инклузивен шах. Среќни сме што нашата заедничка иницијатива со УНХЦР, ЛВФ и кенискиот шах привлече многу големо внимание. Мораме да го промовираме шахот не само како спорт туку како алатка за подобрување на нашето општество, да промовираме здрави навики и да инспирираме развој кај многу луѓе. Голем дел од нашата мисија е да го промовираме шахот како инструмент за подобрување на социјалната средина за илјадници или милиони луѓе. Ние веќе направивме неколку работи, вклучувајќи и проекти како што се „Шах за слобода“, „Шах за деца со нарушување на аутистичниот спектар“, ја одржавме ШО преку интернет за лица со попреченост со 400 учесници. Сега го започнавме овој огромен проект за бегалци. Разговаравме и за можноста да имаме тим на бегалци на следната ШО во Москва – изјави Дворкович на сајтот на ФИДЕ.
Comments