Шампионски почеток на шампионот Голден стејт, Џејмс тргна по рекордот
КОШАРКА – НБА
Во Сан Франциско, кошаркарите на актуелниот шампион Голден стејт ги добија шампионските прстени, кои ги заслужија освојувајќи ја пред неколку месеци четвртата титула во претходните осум сезони (вкупно седма), а потоа предводени од феноменалниот Стеф Кари, кој уфрли 33 поени, го прославија тоа и со победа со 123-109 над Лос Анџелес лејкерс, во првото коло во Западната конференција на НБА-лигата. Леброн Џејмс беше на прагот на т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), оти мечот го заврши со 31 поен, 14 скока и осум асистенции. Тој веќе ја почна акцијата за постигнување на рекордот на Карим Абдул Џабар, легендарниот центар на Лејкерси, кој повеќе од 30 години е на првото место на вечната листа на најдобри стрелци во НБА-лигата со 38.387 поени. Џејмс влезе во сезоната во која ќе го прослави и својот 38. роденден, со цел да ја дополни негативата од 1.326 поени (сега изнесува 1.295). Финалистот во минатата сезона, Бостон, славеше со 126-117 против Филаделфија, во воведното коло од новата сезона во Источната конференција. Најпрецизен во победничкиот состав беа Џејлен Браун и Џејсон Тејтум со по 35 поени, кај гостите Џејмс Харден, исто така, со 35 коша, осум скока и седум асистенции, а Џоел Ембид уфрли 26 коша и оствари 15 скока. Г.И.
Comments