Чурлинов: Фаворити сме против Малта, целта секогаш е иста
Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за првиот предизвик во новите квалификации за Европското првенство, натпревар на кој влегува како фаворит во пресметката со Малта.
Селекторот Благоја Милевски повторно имаше проблеми при селектирањето на играчите поради различни причини, но оние кои се повикани се подготвени да го дадат максимумот и да покажат дека заслужено го носат националниот дрес.
Еден од оние кои се очекуваат да бидат лидери против Малта е Дарко Чурлинов, кој зад себе остави доста тешки месеци во Англија поради мускулна повреда, но кој сега максимално се става на располагање на репрезентацијата.
– Навистина се радувам и среќен сум што по подолго време повторно ќе бидам дел од македонската репрезентација. Изминатите месеци поради повредата на мускулот беа тешки за мене, но сега повторно сум во натпреварувачка форма и се разбира дека тоа сакам да го пренесам на репрезентативните предизвици кои ни следуваат.
– Јас ги пропуштив последните три репрезентативни собири и навистина со нетрпение го очекувам собирот за почетокот на квалификациите за ЕП 2024. Речиси секојдневно сме во контакт со репрезентативните колеги и можам да потврдам дека го делиме истото чувство. За нас, почетокот на квалификациите е многу важен. Фаворити сме против Малта, но тоа треба да го покажеме на терен. Имаме сила, веруваме во себе и така ќе се поставиме. Ќе се обидеме да го пренесеме на терен тоа што од нас го бара селекторот. Некогаш резултатите се добри, некогаш не, но целта е што подобро да ја претставиме Македонија и да постигнеме најдобар можен резултат. Ќе дадеме се од себе во овие квалификации и верувам дека можеме да направиме голема работа“.
Comentários