top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Чудна случка со кучето во ноќта“- црна комедија за предрасудите кон различностите

21.07.2022 Juli Cetvrtok

Урбана драма по текстот на Сајмон Стивенс, базиран на романот на Марк Хадон,а во режија на извонредната Зоја Бузалковска приредија вчеравечер на „Охридско лето“ актерите на Драмски театар Скопје.

Во рамки на драмскиот фестивалски репертоар, тие прикажаа врвна актерска игра, високо ниво на концентрација и кондиција преку „Чудна случка со кучето во ноќта“ , претстава која ги извади на површина предрасудите кон лицата со аутизам.

Сместена во Свиндон и Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифично нарушување од аутистичен спектар.

Кристофер треба да разреши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга.

Светот на главниот лик Кристофер кој го игра актерот Дамјан Цветановски е свет на „исмеаниот“, „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „потценетиот“.

– Ова е претстава за различностите, за нашата толеранција кон различностите, за еден посебен свет на Кристофер во кого важат посебни правила и справувањето на неуротипичниот свет со неговиот неуроатипичен свет. Имавме доста интензивен физички процес. Сите актери се обучувавме да изведуваме паркур техника, урбано скокање. За мене лично, улогата беше голем предизвик и нешто што досега не сум го работел – вели Цветановски.

Актерката Емилија Мицевска Трајковиќ ја играше мајката на Кристофер во претставата.

– Самата претстава има доста комплексни семејни односи. Ми беше предизвик да ја подготвувам и да ја разберам мајката на Кристофер бидејќи детето е посебно и чудесно, а таа во еден момент смета дека ќе биде подобро да замине зашто мисли дека не е доволно добра и не може да се справи со сите животни ситуации. Прекрасно е да се работи со режисерката Бузалковска. Со неа пробите се секогаш добри зашто одлично работи со актери – вели Мицевска Трајковиќ.

Приказната во „Чудна случка со кучето во ноќта“ е раскажана на филмски јазик, многу динамично, многу брзо се менуваат ситуациите, се обработувааат многу комплексни проблеми и прашања, на многу забавен, на места духовит начин.

– Предизвик е секогаш, една таква структура како да може да стане театар, како може во театар да се раскаже особено со нашите не толку добри технички можности како и насекаде во светот. Навистина ми беше предизвик да употребам од една страна еден мерхундовски јазик во театарот, а од друга страна паркур техника или фри ранинг техника – вели режисерката Зоја Бузалковска.

Како што додава таа, секогаш е предизвик да се работи со тимот на Драмски театар Скопје кој го смета за своја екипа.

– Кога има текст којшто е современ и актуелен, тогаш прво ми текнува дека сакам да работам со екипата на Драмски театар Скопје. Го сметам за свој театар затоа што првата претстава сум ја направила токму таму, сум дипломирала таму и навистина многу соработувам со нив. Од 2014 година, ова е трета претстава што ја работам со Драмски театар, појаснува Бузалковска.

Сценограф на претставата„Чудна случка со кучето во ноќта“ е Константин Трпеноски, костимографијата е на Елена Вангеловска и Раде Василев, кореографијата и фри ранинг техниката на Симон Симоновски, а музиката за претставата ја креира Давид Ангелевски.



2 views

Comments


bottom of page