top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Чувството е прекрасно, го остварувам она што го планирав кога почнав да судам

ИВАНА ПРОЈКОВСКА, ФУДБАЛСКА СУДИЈКА НА ЕП 2022 ЗА ЖЕНИ

Чувството е прекрасно. Го остварувам она што го планирав кога почнав да судам на натпревари. Со тоа, пак, ми се ослободува простор за нови животни предизвици, вели во разговорот за „Нова Македонија“ Ивана Пројковска, која ќе биде дел од судискиот тим на претстојното Европско првенство (ЕП) во фудбал за жени, во Англија, од 6 до 31 јули. Пројковска на ЕП 2022 ќе биде во улога на четврти судија. За Пројковска, која судиската кариера ја почна во 2003 година, ова е круна на кариерата, иако ја има делено правдата на многу важни натпревари. Неодамна го судеше реванш-натпреварот од четврт-финалето во женската Лига на шампионите (ЛШ), потоа беше делител на правдата на натпреварот во европските квалификации помеѓу Норвешка и Полска за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, кое треба да се одржи во Австралија и во Нов Зеланд, претходно го судеше финалето на ЕП за фудбалерки до 19 години во 2019 година… Зимава, во два наврата, беше на семинари во Турција во врска со протоколите за користењето и за функционирањето на системот видеопомошник-судија (ВАР).

Последниот во низата подготвителни семинари пред ЕП 2022 се одржа во Турција, на што беше ставен акцентот? – На семинарот во Турција акцентот беше ставен на нашата физичка и теоретска подготвеност, на соработката помеѓу судиите и асистент-судиите, како и на комуникацијата со ВАР-судиите. Имавме тренинзи, предавања, повеќе видови тестови, мерења, индивидуални состаноци со фитнес-тренерите, препораки на што да се внимава во иднина и како на ЕП да бидеме во најдобрата форма. Во Англија патувам в сабота, ние судиите ќе имаме своја база од каде што ќе одиме на натпреварите за кои ќе бидеме делегирани. Во кои насоки оди судењето? Што е битно, секако, покрај физичката подготвеност, дали брзината на реагирање, примената на технологијата? – Физичката и теоретската подготвеност секогаш биле и се на прво место, а ако е тоа на високо ниво, автоматски и реакцијата и одлуката ќе бидат брзи и точни. Технологијата само помага и мислам дека во иднина ќе се оди повеќе на тоа да се забрза темпото и играта да биде поинтересна за гледачите. Како е со ВАР, како беше без него, колку помага? Какви се вашите искуства, практични и теоретски? – Сега за сега имам само позитивно искуство со ВАР. Мислам дека доста помага, особено во клучните моменти, кои можат да го решат натпреварот. Како ги усогласувате обврските, бидејќи треба редовно да се тренира, да се патува…? – Далеку сум од професионален судија, но професионално се однесувам и најсериозно го имам сфатено судењето. Засега ова е само хоби за мене, во кое многу вложувам и сѐ додека ме исполнува и ме прави среќна ќе го негувам, ќе се трудам и ќе тренирам максимално. Во моментот кога тоа ќе исчезне, ќе најдам ново хоби. Секојдневно се обидувам да ги усогласам приватните обврски, работата и тренинзите, некогаш подобро, некогаш полошо, меѓутоа решение секогаш се наоѓа. Со што се занимавате во слободното време, надвор од фудбалот? – Случајно или намерно, работата повторно некако ми е поврзана со фудбалот. Работам за ИТ-компанија што се занимава со производство на софтвер за фудбалски федерации. Па така, сакала или не, секојдневно водам разговори за и околу фудбалот. Вашите очекувања и желби за иднината? Судите на натпревари во Лигата на шампионите, на репрезентативни квалификациски мечеви за СП 2023… – Поширокиот список за СП 2023 е веќе направен и јас не сум на него. За понатаму имам многу планови, желби и очекувања, па ќе оставам времето да каже што ќе се оствари и кој пат ќе се отвори. Л.Д.


2 views

Comentarios


bottom of page