Чеферин: Нема доволно суперлативи за да се опише ЕП 2022
ПО ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ
Англија испиша нова историја на европските првенства (ЕП) освојувајќи ја својата прва титула, со победата со 2-1 во драматичното финале на ЕП 2022 за фудбалерки, против осумкратниот шампион Германија, на стадионот „Вембли“ во Лондон. Клои Кели го постигна победоносниот гол во продолженијата, пред 87.192 гледачи, рекорд на натпреварите во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА), мажи и жени. ЕП 2022 беше првенство со многу рекорди во посетеност на мечеви и на целиот турнир, во постигнати голови… – Ние сме суперсреќни, особено затоа што фудбалот беше фантастичен, од првиот до последниот натпревар, навистина ги одушеви луѓето. Најголемото нешто за цела Европа е тоа што сите одат напред – вели Надин Кеслер, претседателка за женски фудбал во УЕФА. Холанѓанката Сарина Вигман стана првата селекторка во историјата што освоила едноподруго две титули со две различни репрезентации, откако ја водеше Холандија до трофејот на ЕП 2017 и сега Англија. Англија победи на 18 и ремизира двапати на 20 натпревари во низа (вкупна гол-разлика 106-5) откако Вигман ја презеде репрезентацијата. – Нема доволно суперлативи за да се опише ЕП 2022. Беа поставени извонредни нови стандарди за женскиот фудбал. Рекордите се соборени, со гледачи од сите возрасти одушевени и прекрасно ангажирани од она што стана фантастичен фестивал на теренот и надвор од него. Се надевавме дека ова ќе биде најдоброто женско ЕП досега, но беше уште подобро отколку што замислувавме. Најдобрите европски фудбалерки се искачија на нови возбудливи височини пред ентузијастичката публика, која соборува рекорди. Тие ги освоија насловните страници, привлекоа особен глобален интерес и, што е најважно, му дадоа на женскиот фудбал нова возбудлива димензија. Многу нови приврзаници беа привлечени од женскиот фудбал и создадено е важно наследство, кое се надеваме дека ќе инспирира сѐ поголем број жени и девојки на нашиот континент да се вклучат во прекрасната игра – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, за интернет-страницата на УЕФА. Бет Мид (Англија) е избрана за најдобра фудбалерка на ЕП 2022, а таа е и најдобар стрелец, со шест гола и пет асистенции. Англија сите шест меча на ЕП 2022 ги почна истите почетни 11 фудбалерки, што е првпат тоа да се случи на ЕП за мажи или за жени кога се игра со групна фаза. – Тоа беше неверојатен турнир. Очекувавме многу, но, да бидам искрен, не очекувавме толку многу, бројките се неверојатни, но не се важни само бројките. Мечевите беа одлични, а техничките вештини беа неверојатни. Тоа беше многу напорна работа и голема инвестиција. Најважно е да верувате во она што го правите и од самиот почеток знаевме дека можеме да дојдеме на многу повисоко ниво. Фудбалот за жени мора да го продолжи својот развој на ист начин како и фудбалот за мажи. Мораме да го развиеме на техничко ниво и мора да инвестираме. Можеби некои луѓе, спонзори, радиодифузери и сите други треба да почнат да мислат дека вреди да се инвестира во женскиот фудбал – рече Чеферин на форумот на ЕП, пренесе УЕФА.
Comments