Чеферин: ЕП 2024 ќе биде најголемото досега
ФУДБАЛ
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, рече дека организирањето голем настан, поврзувањето на континентот преку фудбалот и обезбедувањето „зелено ЕП“ се главните цели за Европското првенство (ЕП) во 2024 година, објави УЕФА. На промовирањето на логото на турнирот во Берлин, Чеферин истакна дека е оптимист оти тоа ќе биде „специјално ЕП“, не само затоа што „ќе биде зелено, многу еколошко и одржливо“. – Сигурен сум дека заедно ќе го создадеме најголемото ЕП досега. Искрено верувам дека ќе уживаме во незаборавните спомени за три години, во духот на единство и солидарност генерирана од фудбалот, игра што сите ја сакаме – изјави Чеферин. Слоганот на турнирот е „Обединети од фудбалот“. – Сакаме да организираме одличен фудбалски турнир, но треба да биде повеќе од само тоа. Треба да биде фестивал за секого, кој ги зближува луѓето и затоа ние тргнавме со овој слоган – вели директорот на турнирот, Филип Лам. Одржливоста ќе биде во фокусот на ЕП, на помалку од три години. – Сакаме играчите, тренерите, сите други, секако гледачите, да бидат среќни што доаѓаат во нашата земја и да уживаат во вистинска фестивалска атмосфера. Но исто така, сакаме да влијаеме врз општеството, што значи да се истакнат теми како што се одржливоста, животната средина и општото добро – рече Лам.
Comments