top of page

Четири години без Митко Апостоловски – легендата што остави неизбришлива трага на македонската сцена

05.08.2026 Avgust Sreda

На денешен ден во 2022 година почина Митко Апостоловски, еден од најистакнатите македонски театарски, филмски и телевизиски актери, чие богато творештво остави длабок белег во македонската култура. Со својот препознатлив израз, исклучителна посветеност и впечатливи улоги, тој повеќе од четири децении беше неразделен дел од домашната сцена.

Роден е во Битола на 7 март 1955, а дипломираше на Отсекот за драмски глумци при Вишата музичка школа во Скопје. Својата кариера ја градеше со голема љубов и професионализам во Народниот театар во Битола и Народниот театар во Куманово, стекнувајќи ја почитта на колегите и публиката.

Покрај богатата театарска кариера, зад себе остави и импресивна филмографија. Публиката го памети по улогите во филмовите „Големата вода“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Медена ноќ“, „Година на мајмунот“, како и по уилогите во голем број телевизиски остварувања. Неговите последни улоги беа одиграни беа во филмот „Виртуозо“ и телевизиската серија „Црвениот поет“, која беше емитувана по неговото заминување.

За својот исклучителен уметнички придонес беше добитник на бројни признанија. На Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога за ликот на Шабељски во претставата „Иванов“, а во 2002 година ја доби и престижната награда „Ристо Шишков“. Исто така, тој беше носител и на највисокото општинско признание „4 Ноември“ на градот Битола.

Митко Апостоловски замина на 5 август 2022 година во родната Битола, оставајќи зад себе богато уметничко наследство кое продолжува да живее преку неговите дела. Неговата искреност на сцената и посветеност кон професијата остануваат трајна инспирација за идните генерации.


 
 
 

Comments


bottom of page