top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Четврта награда за филмот на Игор Иванов – Изи „Хомо“ на меѓународни фестивали

Најновото признание за долгометражниот игран филм „Хомо“ („Only Human“) доаѓа од Waterfront Фестивалот на Интернационален Филм во Лаваса Индија, каде Игор Иванов ја освои наградата за најдобра режија.

Следната дестинација на филмот е Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, еден од најголемите филмски фестивали во францускиот регион Гранд Ест, во официјалната селекција „Под ѕвездите“ и ќе биде прикажан под отворено небо во една од најдобрите киносали во Франција – „Камео“. Фестивалот ќе се одржи во периодот од 27 август до 5. септември година.

„’Хомо’ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов“, истакнува продукцијата.

Сценариото го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, монтажа Мартин Иванов. Продуцент е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија). Финансиски поддржан од Агенцијата за Филм, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.

Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев, Славиша Кајевски.

Светската премиера „Хомо“ ја доживеа на 51. ГОА ИФФ Индија, европската премиера во рамките на 25. ИФФ Софија и македонската – на Синедејс. До сега го прикажаа преку десет фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Индија, Романија, Србија, Бугарија, а доби награда и на фестивалите Gbeck Future Film Festival – награда за најдобар филм, WorldFest-Houston International Film Festival – Бронзена Реми награда и IndieFEST Film Awards – награда за извонредност специјално признание.


1 view

Comments


bottom of page