Честит 33 роденден ТДМ – Тесно за деца и младинци
Театарот за деца и младинци на 25 март го прославува својот 33. роденден.
-Пред точно 33 години започна нашата приказна и денес, нема ни родител ни дете што не сака да ја слуша и гледа. Пред повеќе од три декади група заљубеници во театарот и професионалци поставија темели со кои е незамисливо детството и растењето на секое дете. Театарот за деца и младинци е како книга во чии страници може да се изгуби секој човек и да ужива во светот на играта, имагинацијата, љубовта и палавата страст. Таа книга е и мајка и татко и другар и учител за најмалите и најмладите. Таа книга е компас за сите млади и радост и смеа за сите родители. Во себе чува најнеобични и најразлични спомени на среќа и живот што поврзува, поттикнува, охрабрува и нè носи напред… Сепак бројот на страници расте ли расте, а кориците и нивниот обем остануваат исти. До кога ли ќе може да ги држи сите во себе? Зарем нè заслужуваат сите тие да најдат свое место каде нема да бидат натуткани една до друга?, прашуваат од ТДМ.
Како што посочуваат во соопштението, ТДМ стана Тесно за деца и младинци.
– Пораснавме, а на нашата мала сцена уште се играат приказни во кои постојат огромни, невидени пространства. Пораснавме, а на нашата прескромна сцена сè уште актерите се бркаат и едвај се разминуваат за да не судрат или закачат со костимите. Пораснавме, да, но во нашиот фундус веќе нема место каде да се редат тие костими и реквизити. Пораснавме, навистина, ни се придружија и нови луѓе во нашата голема мисија, но ете нема простории за сите вработени, нема место за сите нас. Ние сме националниот театар за деца и младинци без кој е тешко да се замисли најкревкиот и најбитниот дел од младоста. Без кој е тешко да се замисли образувањето и духовната надградба на сите млади. Ние сме основата, таа – една книга што го негува и може да го промени животот на секој човек од мали нозе. И ете, пак, често не можеме да одговориме на потребите на тие луѓе. Пораснавме, а сè уште нашето гледалиште брои 112 седишта и нема доволно карти колку што има желба да се биде на претстава кај нас. Пораснавме, ама уште ни е сè толку мало за нашите идеи и стремежи“, додаваат од Театарот за деца и младинци по повод 33. роденден.
Comments