Чествување на Рацин во КИЦ
Чествување на поезијата на Коста Солев Рацин ќе се одржи денеска, во 20 часот, во „Салон 19:19“, во Културно-информативниот центар – Скопје – Речиси осум децении од смртта, а сè уште ненадминлив, сè уште најсакан од нацијата, сè уште токму неговите стихови се оние што секој Македонец умее да ги каже наизуст. Љубовта и почитта се нешта што не се стекнуваат сосила, а нашиот Рацин е токму од обичниот, питом македонски народ прифатен за свој, како најголем меѓу големите. На 13 јуни се одбележува годишнина од неговата несреќна смрт на Лопушник, до ден-денешен обвиена со мистерии и нејаснотии. Во таа чест го празнуваме неговото име. На денот на неговата погибија ќе се сеќаваме со радост на него и на оставеното наследство за неговиот народ. Ќе се потсетиме не само на неговите стихови туку и на сето негово творештво, кое просто дише од длабоките познавања на филозофијата, историјата, а сето тоа е толку големо зашто е напишано со крв и страст – информираат од КИЦ.
На чествувањето ќе учествуваат: Тихомир Јанчовски, Моника Силјановска и Горазд Китановски.
Кочо Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) е македонски книжевник и комунист, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.
Comments