Чад и смрдеа ги обвитка половина Аеродром, Лисиче, Маџари, граѓаните затвораат прозорци фото и видео
Преземен текст и слики од https://mkd.mk/ 03 -10 часот наутро
Одвратна миризба и чад од пожарот во депонијата Вардариште се рашири доцна вечерва во Ново Лисиче, Маџари, дел од населбата Аеродром, Лисиче, Горно и Долно Лисиче… Граѓаните се загрижени, на пеколните ноќни температури ги затвораат прозорците од домовите.
По 18 часот од населбите можеше да се забележи чад што се креваше од депонијата Вардариште, која се наоѓа во Гази Баба, но е блиску до Вардар и особено до Ново Лисиче од другата страна. Вечерва и жителите на Аеродром до зад Мајчин дом се жалат на смрдеа на ѓубре и, како што се обидуваат да дефинираат, на смрдлива пластика.
Тоа што е загрижувачко, е што огнот вечерва се беше доближил на само десетина метри од далновод, па само може да се претпоставува какви последици можат да настанат ако огнот не се угасне целосно – не се ликвидира.За Вардариште МКД.мк многупати пишуваше, а ветувањата од надлежните институции беа дека таму ќе има инспекции, постојана чуварска служба… Градоначалничката на Скопје пак, на почетокот од годинава вети чистење на слоевите губришта и создавање на мега парк по примерот на светски паркови.
До тој еден убав ден, уште колку пати граѓаните на овој дел од главниот град ќе се жалат дека им е загрозено здравјето? Или тоа е во втор план? За екологијата колку многу се зборува и се ветува? Многу. Ако се следат редовно билтените на ЦУК може да се забележи дека летово речиси и да нема ден некоја депонија или дива депонија низ земјава да гори.
Екологија во Македонија? Нула.
Видео плејер
За крај на овој текст и последното, малку пред полноќ, известување од директорот на ЦУК:
„МВР испраќа дополнителни полициски екипи со цел откривање на лицата кои го предизвикале палењето на депонијата Вардариште од која, според јавувања на повеќе револтирани граѓани на 112 во ЦУК, се шири остар и неподнослив мирис. Според информациите од скопската противпожарна бригада, пожарникарите предмалку го изгаснале оганот, но некаде на средината на депонијата, на место кое во моментов е непристапно за нив, уште има чадење“.
Значи уште чади, и уште не се знае дали огнот нема пак да вивне ноќва. И уште граѓаните дишат отровен воздух. Тешка ноќ е пред нив.
A одговорност? Што е тоа?
Ех, вечно Скопје…https://mkd.mk/
Comments