top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Чави: Барселона почнува нова ера, од нула

Првпат по сезоната 2000/2001, петкратниот европски фудбалски првак Барселона не се пласира во нокаут-фазата во Лигата на шампионите (ЛШ). Тоа е најголемото изненадување сезонава, кое кулминира со убедливиот пораз на шпанскиот тим на гости од Баерн (0-3), за трето место во групата Е и за пласман во плејофот во Лига Европа (ЛЕ). – Почнуваме нова ера, од нула, оттука. Треба да работиме напорно за да подобриме многу работи што ја доведоа Барселона во оваа ситуација. Но ова е нашата реалност, лут сум, нервозен. Нашата цел е Лигата на шампионите, не Лига Европа. Не ми се допаѓа зборот неуспех. Го сакам овој клуб, ќе го вложам мојот живот во него. Мора да почнеме да ја враќаме Барселона онаму каде што заслужува – изјави по мечот тренерот на Барселона, Чави Ернандез, кој се врати во клубот минатиот месец. Колапсот на Барселона, која е во голема криза, кулминира со заминувањето на Лионел Меси во ПСЖ, по 17 години во кои клубот се пласира во елитата во ЛШ, во осминафиналето, секој февруари. Во тој период беа освоени и четири титули првак на Европа, во 2006, 2009, 2011 и во 2015 година. Во првата сезона по Меси, Барселона продолжува во Лига Европа по неславната кампања во групната фаза во ЛШ, во која претрпе повеќе порази со 0-3 (три) отколку што постигна вкупно голови (два).

Ситуацијата не е ништо подобра и на домашен терен. Барселона моментно е на седмото место во Ла лига, надвор од место што води во фудбалска Европа во следната сезона. Баерн ја заврши групната фаза со шест последователни победи (како и Ливерпул и Ајакс), кои почнаа во септември, со победата над Барселона на гости, со идентични 3-0. Баварците постигнаа вкупно и 22 гола (примија само три), најмногу од сите тимови во оваа фаза (два повеќе од Ајакс). Баерн постигна барем еден гол на 28-от меч по ред во ЛШ, серија што почна по ремито со Ливерпул (0-0) на 15 февруари 2019. Томас Милер, кој постигна еден од трите гола за Баерн, е првиот германски фудбалер што постигнал 50 гола во ЛШ, осми играч со таков ефект во ова натпреварување. Во осминафиналето првпат ќе игра и тим од Австрија, Салцбург, вторпат тоа му успеа на првакот на Франција, Лил, по сезоната 2006/2007, Бенфика е меѓу 16-те најдобри по петгодишна пауза.


2 views

Comments


bottom of page