Црквата „Свети Кузман и Дамјан“ има иконографски решенија што се единствени во охридското ѕидно сликарство од 14 век
Знаменитостите на Македонија
20.03.2024 Mart Sreda
„Свети Кузман и Дамјан“ е мала еднокорабна црква што ѝ припаѓала на Челничката енорија, при Охридската архиепископија. Се верува дека е изградена е и живописана пред 1345 година, а во својата сликана програма содржи неколку иконографски решенија што се единствени во охридското ѕидно сликарство од 14 век. Бидејќи во живописот се чувствува влијанието на Комненовата уметност, како и новите уметнички форми, постарите истражувачи веруваа дека црквата е изградена кон крајот на 13 век или почетокот на 14 век. Меѓутоа Воислав Ѓуриќ направил споредба со фреските на Јован Теоријан и докажал дека еден дел од фреските во црквата „Свети Кузман и Дамјан“ е дело на овој истакнат охридски сликар, односно дека црквата е од 14 век. Се претпоставува дека фреските на Теоријан се насликани околу 1340 година, односно му претходат на преостанатиот животопис.Највпечатливи се насликаните портрети на патроните од оваа црква, Светите Врачи Кузман и Дамјан, насликани на јужниот ѕид во една засведена арка. Тука е и Богородица Живоносен Источник во конхата на апсидата, Св. Климент со моделот на градот Охрид во рацете, кој го принесува на патроните на црквата Св. Кузман и Дамјан. Дел од сликаната декорација е дело на најпознатиот охридски сликар од средината на 14 век, Јован Теоријан. Во црквата е зачуван и оригиналниот дрвен иконостас од средината на 14 век, како и резбаните царски двери од почетокот на 17 век. Во олтарната апсида е насликан и ликот на охридскиот архиепископ Св. Константин Кавасила.
Сочуваниот дрвен иконостас со тордирани столбови е најстариот сочуван иконостас од 14 век во Македонија. По конзерваторските работи од 1964 година, тој е целосно консолидиран. Иконостасот ја зафаќа целата широчина на коработ (околу 3 м), a висок е 190 см. Составен е од пет монолитни колонки во резба со капители и архитрав над нив. За разлика од едноставниот, без резба, архитрав, сите други делови на иконостасот имаат извонредна уметничка резбана изведба. Освен двете јужни колони, кои се слични само со украсниот мотив на т.н. Херкулов јазол, другите две колони се сосема различни: едната со изглед на преплетено јаже, а другата на тордиран столб. Бидејќи најстарата фрескодекорација во оваа црква потекнува приближно од 1325 година, се смета дека и иконостасот во црквата е од тоа време, нарачан од истиот анонимен ктитор. Двете најубави колони од овој иконостас денес се наоѓаат во Ширванот на најгорниот кат во куќата на Робеви, кој служи како охридска резиденција. Д.Ст.
Охридскиот архиепископ Св. Константин Кавасила
Свети Константин се родил во градот Драч во областа Илирик, во познатото семејство Кавасила. Од благородничкиот ромејски род Кавасила произлегле истакнати мажи, кои одиграле значајна улога во империјата, како на политички така и на црковен план. Меѓу нив среќаваме воени управници, образовани аристократи и научници, епископи, монаси и црковни писатели. Подоцна, по Свети Константин, ова семејство ќе даде и други истакнати пастири на Црквата Христова, меѓу кои во градот Солун особено заблескале архиепископот солунски Нил Кавасила и неговиот внук Никола Кавасила Хамаетос, кој исто така се овенчал со светителски венец.Свети Константин Кавасила останал на митрополитската катедра во својот роден град сè до неговиот избор за охридски архиепископ, малку пред 1250 година. Така, издигнат од средината на домородното свештенство, бил добро запознаен со состојбите во Охридската црква, имајќи предвид дека повеќе години служел како епископ и митрополит во две нејзини епархии. Трудољубиво служејќи, сега веќе како архиепископ, Свети Константин целосно ѝ се посветил на Охридската архиепископија, градејќи цврста градба на основите поставени од страна на неговите славни претходници – светите Климент, Наум, Теофилакт и другите. Бивајќи чедољубив отец на сираци, подадена рака на оние во болки, а на старците поткрепа – како што е опеан во богослужбата, Свети Константин ја исполнувал волјата Божја, а проповедта ја сметал за должност кон доверениот народ. Како архиепископ на најсветата Охридска архиепископија, тој составил еден молбен канон за Свети Климент Охридски и два во чест на Свети Наум Охридски. Д.Ст.
Kommentare