Црквата во Матејче, иако под заштита на државата, нема кој да ја чува од вандали?!
Updated: Feb 2, 2022
01.02.2022 Januari Vtornik
Пред точно еден месец беше отстранет новопоставениот оловен покрив на црквата од страна на непознати сторители. Од Министерството за култура за весникот ВЕЧЕР посочуваат дека „стручни екипи од Националниот конзерваторски центар – Скопје извршија увид и доставија извештај со пресметка за направената штета до Министерството за култура. Во тек е координација за натамошно постапување“. Сепак, трајна заштита од вандали, по сè изгледа, нема. Од Управата посочуваат дека се работи за убав простор кој може да се искористи мултифункционално, со објекти каде што може да се преспие, и за посета на излетници, но и на туристи, бидејќи „културните добра најдобро се чуваат ако се стават во некаква функција“
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во атарот на селото Матејче, Кумановско, претставува културно наследство од највисока вредност, а од државата е прогласен и за културно наследство во опасност, со цел да се преземат побрзи чекори за негова заштита. Сепак, ова не му помага на објектот, кој нема чуварска служба да се одбрани од вандализам и чести оштетувања од несовесни граѓани. Токму пред еден месец, на крајот од 2021 година, беше отстранет и дислоциран новопоставениот оловен покрив на црквата од страна на непознати сторители.
Од Министерството за култура за весникот ВЕЧЕР, деновиве, посочија дека „стручни екипи од надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар – Скопје извршија увид и доставија извештај со пресметка за направената штета до Министерството за култура. Во тек е координација за натамошно постапување“. Поради големата вредност на фреските во објектот и самиот храм, во согласност со законските надлежности, изминатите две години беа преземени координирани мерки на заштита, на релација Министерство за култура, Управа за заштита на културното наследство и НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. Оттаму додаваат дека како резултат на овие активности, во декември 2020 година биле обезбедени интервентни средства во Буџетот за изведба на превентивни мерки на заштита на покривните партии на црквата „Света Богородица“ во с. Матејче, а во 2021 година била направена целосна непосредна заштита на архитектурата на црквата, со изведба на соодветен оловен покрив.
Исто така, побаравме мислење од Македонската православна црква за тоа како може да се заштити објектот од понатамошни оштетувања.
„Манастирот во Матејче е под заштита, како споменик на културата. Секоја активност на терен мора да биде со одобрение на Управата за заштита на културното наследство, а врз основа на проекти изработени од Националниот конзерваторски центар. Ние, како МПЦ, сме во постојана координација со Министерството за култура, но сè зависи од годишните програми за работа на овие институции. Колку и како ќе биде вклучен манастирот во секоја нова годишна програма за работа на овие институции, ние не знаеме. Но, постојано апелираме и се надеваме дека во иднина, на манастирот, како споменик на културата, ќе му се посвети поголемо внимание и ќе добие посериозен третман, зашто постои голема можност од неповратно негово оштетување“, велат од МПЦ.
Инаку, црквата од средината на 14 век го содржи најобемниот фрескоансамбл на наша територија. Насликаните површини се предизвик на еминентните светски византолози во континуитет, од почетокот на минатиот век до денес и нивните согледувања се објавени во стручните периодики од оваа област, а целосната анализа на живописот е предмет на едно монографско издание.
Инаку, малкумина знаат за бурната историја, значењето и уникатноста на единствената манастирска црква во рамки на манастирот во Матејче, Општина Липково, која е изградена во 1345 година, со богат живопис кој потекнува од 1348 до 1352 година. Живописот во црквата денес, во голема мера, е уништен, но зачувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. Единствена и уникатна по својата реткост е композицијата на која Исус Христос е преставен со крстот, затоа што, во овој случај, Христос е насликан со главата надолу. Во оваа црква се зачувани и бројни записи, меѓу кои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ.
Од Управата за заштита на културното наследство, во еден од претходните разговори, ни посочија дека интензивно се размислува да се заштити целиот простор и да се стави во функција со цел да се спречи неговото сквернавење и пропаѓање.
„Црквата се наоѓа во многу убава природа и луѓето од околината што ја слават Мала Богородица, го посетуваат. Се работи за убав простор кој може да се искористи мултифункционално, со објекти каде што може да се преспие, и за посета на излетници, но и на туристи, бидејќи културните добра најдобро се чуваат ако се стават во некаква функција“, истакна во разговорот за весникот ВЕЧЕР Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Сепак, конкретни чекори во оваа насока сè уште нема. (Д.Т.)
Comments