top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Црвено-жолтите имаат шанси да ја поминат групната фаза

Македонија ќе дебитира на едно големо фудбалско натпреварување, на голема радост на љубителите на фудбалот, воопшто на спортот во нашата земја. Долго посакуваната цел е постигната, ветеранот Горан Пандев, кој веќе си обезбеди место во аналите на македонскиот фудбал со историскиот гол против Грузија во плејофот во Лигата на нациите (ЛН) за пласман на Европското првенство (ЕП), в недела, на 120-от меч во црвено-жолтиот дрес, против Австрија во Букурешт, ќе ја има честа како капитен да ја предводи репрезентацијата. Македонија го заслужи настапот на ЕП, но по добрите игри во последно време, пораснаа очекувањата и амбициите. – Играме против силни репрезентации што се поискусни од нас, но Македонија не оди на ЕП со „бело знаме“. Одиме да се надигруваме и да се обидеме да се квалификуваме во следната рунда натпревари, што сметам дека е реално остварливо – повеќепати повторуваше селекторот Игор Ангеловски. Ваквиот оптимизам Ангеловски го базира врз квалитетот на својот тим, кој е спој на искуство и на младост, подолго време игра заедно и што е најбитно бележи добри резултати во низа што ја зголеми и самодовербата кај фудбалерите. Победата над Германија во квалификациите за СП 2022, како и прикажаната играта, се показател дека Македонија има добра репрезентација и оти не е за потценување. Фактот дека Македонија во сите анкети, предвидувања, прогнози и слично се смета за аутсајдер меѓу 24-те репрезентации за пласман во осминафиналето можеби е добро. Таквата улога воопшто не им пречи на фудбалерите и на Ангеловски. Нема никаков притисок врз играчите, тоа значи дека можат да играат неоптоварено и да уживаат во секој миг на секој натпревар. Пандев меѓу 26 фудбалери со 100 и повеќе натпревари Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев (37), кој досега одигра 119 натпревари, е меѓу 26 фудбалери на ЕП со 100 и повеќе настапи за своите земји. Рекордер е Португалецот Кристијано Роналдо со 175 меча, втор на таа листа е капитенот на Хрватска, Лука Модриќ со 138, а трет уште еден Португалец, Жоао Мутињо со 131 меч. Потоа се Себастијан Ларсон од Шведска (129 меча), Јан Фертонген од Белгија (127), Марек Хамшик од Словачка (126), Уго Лорис од Франција (125), Серхио Бускетс од Шпанија (123)… МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020 Австрија – Македонија недела, 18 ч. Украина – Македонија 17 јуни, 15 ч. Македонија – Холандија 21 јуни, 18 ч.



0 views

Kommentare


bottom of page