„Цареви кули“ во туристичката мапа на Струмица, но и на целата држава
Updated: Jul 9, 2021
08.07.2021 Juli Cetvrtok
Градот Струмица, подигнат на крстопат од разни цивилизации култури и религии, со векови растел и се развивал во сенката на ридот, кај народот познат како Цареви Кули. Во својата прва книга за овој локалитет, археологот Зоран Рујак, го опфати периодот од праисторијата до Римското Царство, а како што вели, најстарите страници на „Цареви кули“ допираат во петтиот милениум пред нашата ера, и продолжуваат речиси до Втората светска војна, кога за последен пат тврдината била употребена како воено упориште. Токму, за „Цареви кули“, кои влегоа во туристичката мапа на градот Струмица, но и на целата држава, археологот Рујак зборуваше и на страниците на весникот ВЕЧЕР
Историјата на Цареви Кули, воено упориште, кое со милeниуми бдеело над судбината на градот Струмица, од неодамна е распослано на страниците на монографијата напишана од долгогодишниот истражувач на овој локалитет, археологот Зоран Рујак. Во својата прва книга за овој локалитет, тој го опфати периодот од праисторијата до Римското Царство, а како што вели, најстарите страници на „Цареви кули“ допираат во петтиот милениум пред нашата ера, и продолжуваат речиси до Втората светска војна, кога последен пат тврдината била употребена како воено упориште. Токму, за „Цареви кули“, кои влегоа во туристичката мапа на градот Струмица, но и на целата држава, археологот Рујак зборуваше и на страниците на весникот ВЕЧЕР.
Подигнат на крстопатот на разни култури и цивилизации
„Градот Струмица, подигнат на крстопат од разни цивилизации култури и религии, со векови растел и се развивал во сенката на ридот, кај народот познат како Цареви Кули. Поволната геостратешка положба на овој рид, кој доминира над плодното Струмичко Поле, не останала незабележана уште во времето на длабоката праисторија. Ридот бил населен мошне рано, во времето кога првите ‘металурзи’ ќе ги совладаат техниките за производство на првите метални алатки направени од бакар. Таму ќе се засолнат бегајќи од воинствените народи кои преку реката Струмица ќе продрат во овие краишта некаде кон почетокот на 5 милениум пред н.е. Тогаш ќе изникне и првата населба подигната од страна на неолитските бегалци, кои претходно живееле во плодното Струмичко Поле. Оттогаш па наваму речиси и да не постои култура која ги нема оставено своите траги на врвот од ридот. Највпечатлива содржина сепак претставува моќната средновековна тврдина која со векови бдеела над судбината на градот“, истакна во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, Рујак.
Тој исто така откри дека најстарите наоди и артефакти се од времето на раниот халколит. „Од нив дознаваме дека на врвот од ридот се развивала населба составена од неколку семејства, распоредени во кланови, кои се занимавале со сточарство и, во помала мера, со земјоделство. Објектите биле распоредени на краевите од платото и на југоисточната падина. Куќите биле полувкопани во косината на теренот, а во нив се наоѓале огништа и печки. Во речиси секое домаќинство беа откриени материјални остатоци составени од предмети употребувани во секојдневниот живот, пред сè, направени од керамика. Беа пронаоѓани алатки изработени од камен и кремен, коска и рог, а во еден случај бележиме и метална алатка која се вбројува во една од најстарите пронајдени на оваа почва. Бројните артефакти сведочат и за богатиот живот на населението од бронзената епоха и ширењето на трговските врски со населбите на егејскиот брег. На врвот од ридот имаат оставено траги и носителите на железната епоха кои Цареви Кули го користеле како пункт за понатамошна експанзија кон богатите населби на Егејот…“, додава Рујак.
Посебен импулс во текот на антиката
Според него, локалитетот добива посебен импулс во текот на антиката кога на врвот од ридот ќе биде подигнато големо светилиште кое најверојатно го подигнало населението на иницијалната градска населба под темелите на денешна Струмица, некаде кон крајот на 5 и почетокот на 4 век пред н.е. По неговото гасење, кон крајот на 4 век пред н.е., на Цареви Кули била подигната помала населба која ќе опстојува сè до подигањето на првата доцноантичка тврдина, некаде кон крајот на 3 и почетокот на 4 век. „Оваа тврдина најверојатно одиграла значајна улога во заштитата на градското население, сè до продорот на Словените и Аварите, некаде кон средината на 6 век. До крајот на 10 век таму не бележиме активности. Во текот на средновековниот период на Цареви Кули беа пронајдени бројни докази за користење на доцноантичката тврдина од страна на Самоиловата војска. Покрај остатоците на архитектура, за ова сведочат и многуте артефакти, составени од врвови на стрели, кои во целост ги потврдуваат историските наводи за опседнување и рушење на укрепувањата на „височинките“ околу Струмица, по поразот на Самоил во Битката кај Клуч (Беласичка битка) на 29јули 1014…“, истакна Рујак. Средновековната тврдина пак, ќе биде подигната речиси еден век подоцна, односно кон крајот на 11 и почетокот на 12 век. Оваа тврдина ќе изникне во моќна фортификација составена од бедеми и кули, како и централна кула-Пирг. Во неа беа истражени и објекти за домување на посадата на тврдината, работилници, коњушници, цистерни, црквичка, како и мал објект кој бил дворно место на заповедникот на тврдината. Најголемиот број артефакти претежно составени од остатоци на оружје, воена опрема, монети.., се токму од овој период. Истата улога на тврдината ќе продолжи и по освојувањето на Струмица од страна на Османлиите, кое најверојатно се случило некаде по 1395 година. Мноштво артефакти сведочат дека во неа била стационирана силна воена посада која со годините почнала сè повеќе да се намалува. За ова, впрочем, сведочи и Евлија Челеби, кој во текот на 17 век го дава првиот опис на тврдината.
Втората книга за „Цареви кули“ до крајот на годината
Поради ширењето на границите на Царството до портите на Виена, стратешката улога на Цареви Кули веќе не била значајна, па од таа причина тврдината почнала да се урива, а во годините што следуваат, била користена како мајдан за градежен материјал со кој струмичани ќе ги градат своите објекти во градот. Последното користење и артефакти се токму од крајот на Втората светска војна, од 1944 во текот на завршните операции за ослободување на градот Струмица…
Инаку, самата Монографија за „Цареви кули“ е напишана во научно-популарен стил и нуди мноштво нови и поттикнувачки сознанија за материјалната и духовната култура во различни временски епохи. Таа претставува сведоштво за градот Струмица и обид да се расветли неговото богато културно-историско минато.
Издавач е НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Струмица“, а во тек е подготовка и на втората книга „Цареви Кули-Струмица (Од Римското Царство до доцен среден век)“ во која ќе бидат обработени материјалните остатоци и духовната култура на локалитетот, почнувајќи од првиот век, па сè до дваесеттиот век, која треба да биде издадена до крајот на годината.
„По 10 години истражување се добива една оформена идеја што се Царевите Кули, што се поседува како артефакти, што како недвижен материјал, што како книжен и таа завршница мислам дека ќе резултира понатаму со проекти за конзервација. Веќе има направено и пристапни патеки и локалитетот влезе во туристичката мапа на градот Струмица, а со тоа и на целата држава. Важно е вакви големи зафати да бидат поддржани и од локалната самоуправа и од европски пари, но и од државата, рече директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов. (Д.Т.)
Comments