„Хуманоста на дело“ – забава, дружење и поддршка на лицата со Даунов синдром во винарницата „Стоби“
26.03.2024 Mart Vtornik
Голема благодарност за убавата дружба, енергија, топлина и споделената љубов што зрачеше од сите нас. Ноти на благо вино, музика и искрени насмевки, напиша на Фејсбук Елизабета Петковска, лице со Даунов синдром, по настанот во саботата чиј домаќин беше винарницата „Стоби“. На забавата од хуманитарен карактер за меѓусебно дружење и незаборавни моменти на лицата со Даунов синдром, за атмосферата, освен домаќините и гостите, се погрижија и артисти од македонската музичка естрада.– Ова беше продолжување на нашиот проект „Хуманоста на дело“ востановен во 2019 година. Годинава продолжи со многу различни содржини и можности, заеднички да им помогнеме на ранливите категории и да придонесеме за повисоко ниво на социјална инклузија, особено кон лицата со посебни потреби, по повод одбележувањето на 21 март – Светски ден на лицата со Даунов синдром – рече Ана Јорданова, генерална менаџерка на „Стоби“.
За гостите имаше специјално приготвена закуска, а вкусија и од врвните вина на „Стоби“. Картичката за присуство на настанот чинеше 1.000 денари, кои ќе бидат донирани на посебна хуманитарна сметка, наменети за поддршка на лицата со Даунов синдром. Во состав на настанот беше организирана и аукција за архивски вина на „Стоби“, а средствата од наддавањето исто така ќе бидат донирани за хуманитарни цели.– Има работи што можеш ти да ги направиш, а јас не, но има работи што јас можам да ги направам, а ти не; затоа, ајде да направиме нешто убаво заедно. Можеби не можеме сите да правиме големи работи, но сите можеме да правиме мали работи со многу љубов. Ова се зборовите на нашата Мајка Тереза, која е совршен пример за тоа колкави може да бидат човековата добрина и желбата да му се помогне некому. Токму ова беше нашиот лајтмотив, за уште еднаш и повторно да организираме еден настан што по својот карактер ќе има длабока хумана димензија, а во исто време ќе биде интересен, забавен и уникатен. Пресреќни сме поради сите насмевки на многубројните гости, прекрасната енергија што беше споделена на одлична забава со хуманитарна цел – додаде Јорданова.Настанот беше помогнат и од првата приватна општа болница „Ре-медика“, која е голем поддржувач на лицата со Даунов синдром.
Comments