top of page

Хрватско – македонска уметност која инспирира: Фемина 5 – креативна атракција во Мала станица

„Од десет македонски и 10 хрватски ликовни уметнички создадовме парови коишто креираа едно дело. Токму ваквата изложба имаше за цел да ги зближи современите ликовни сцени на двете држави, а секој уметник да го истакне својот ликовен идентитет преку делото создадено во пар“, вели македонската кураторка на изложбата Јана Манева-Чупоска. Според Санда Станаќев Бајзек од Хрватска, пак, тие ја менуваат перцепцијата создавајќи ‘здрава’ и моќна основа за тематизирање и прикажување на повеќекратниот идентитет на жената, бројните архетипи и стереотипи на кои е изложената жената, како глобални теми

Во „Мала станица“ во Скопје поставена е атрактивна изложба на дела создадени од десет македонски и исто толку хрватски уметнички, кои заедно, во пар, создадоа уметност која истовремено и провоцира и инспирира. Нивните дела претставуваат вистинска креативна атракција која предизвикува голем интерес кај посетителите на оваа галерија. Изложбата ‘Фемина VS Феминологија‘ е всушност петто по ред издание на проектот “Фемина“ кураторски проект на проф. д-р Јана Манева-Чупоска и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија (ДЛУМ), која овој пат се реализира во соработка со Здружението на хрватски ликовни уметници (ХУЛУЛК) од Загреб.

„Од десет македонски и 10 хрватски ликовни уметнички создадовме парови кои што креираа едно дело. Токму ваквата изложба имаше за цел да ги зближи современите ликовни сцени на двете држави, а секој уметник да го истакне својот ликовен идентитет преку делото создадено во пар. Многу е интересно кога условно таа лична слобода е ограничена поради комуникацијата со другиот автор и потребата од приспособување, но од друга страна се работи за уметничка слобода да се создава едно дело со два различни ликовни концепти и потписи“, посочува македонската кураторка на изложбата Јана Манева-Чупоска, која заедно со хрватската кураторка Санда, ја осмислија и конципираа изложбата.

Паровите, пак, беа избирани како што вели Манева-Чупоска и по принцип на сличност и по принцип на опозит.

„Во тој процес дадовме слобода на различно изразување што значи дека сите медиуми се присутни од најкласичните штафелајни концепти до форма на инсталација. Застапен е и видео артот, а едниот пар Јана Луловска од Македонија и Никол Хјуит од Хрватска изработија два филма кои и беа претставени на 16 јуни во Кинотека на Македонија. Дијана Назор Чорда, пак, која што работеше заедно со Наташа Милованчев пред македонската публика го презентираше својот изум, на инфраред сликарство каде што ова дело се гледа со специјален апарат за инфрацрвени зраци. Двете уметнички создадоа интересен и уникатен триптих… Дела создадоа и македонско-хрватскиот пар Вана Урошевиќ – Габријела Шимиќ, заедно работеа и Марина Коцарева – Ранисављев и Ивана Бакал, како и Маја Рауник Кирков и Ирена Гајатри Хорват. Јана Манева-Чупоска создаваше заедно со Паулина Јазвиќ, а Марина Цветановска-Мартиновска со Ивана Ожетски. Уметнички парови беа и Тања Таневска и Тара Беата Рац, Христина Зафировска и Луциа Лабас, како и Ана Трајковска и Алана Кајфеж.

„Идејата ни беше по малку да ги збуниме во креативна слисла авторите, да се инспирираат и да направат нови дела и да одговорат на провокативната тема ‘Пар’, а по завршувањето на тој креативен процес, заклучивме дека е интересен концептот да се работи со некој друг… Еден ‘пар’ меѓусебно се преслушаа, креираа, раздвојуваа или обединија во еднаквостите или различностите во самиот процес на создавање на ликовното дело“, додава Манева-Чупоска која од самиот процес на отпочнување на проектот до негова реализација направи и документарен видео запис.

„Тие ја менуваат перцепцијата создавајќи ‘здрава’ и моќна основа за тематизирање и прикажување на повеќекратниот идентитет на жената, бројните архетипи и стереотипи на кои е изложената жената, како глобални теми. Преку нивната сложена морфологија и интердисциплинарен пристап кон сликарството, тие можат јасно да се прочитаат од нивните уметнички дела. Тие го тематизираат сопствениот идентитет поминувајќи низ ‘заедничките места’ на нашите цивилизациски сопнувања – сексуалноста, личните слободи, моралот, наметнатите улоги… “, посочува меѓу другото Санда Станаќев Бајзек од Хрватска.

Дизајнот на каталогот за изложбата го изработи проф. д-р Гордана Вренцоска од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет Скопје. Изложбата која е финансиски поддржана од Министерството за култура ќе биде отворена за посетители до 28 јуни. (Д.Т.) Фото: Влахо Бранѓолица




 
 
 

Comments


bottom of page