top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ го отвора 45. „Скопско лето“; Јубилејното издание на фестивалот стартува на 21 јуни, во Куршумли ан

19.06.2024 junio sreda

Никола Глигоров, директорот на Дирекцијата за култура и уметност, која е организатор на „Скопско лето“, на денешната прес-конференција најави дека годинава фестивалот ќе вклучи 22 концерта, седум театарски претстави, од кои три за деца, како и седум изложби и две промоции на книги. „Минатата година, имавме буџет од 2 милиона денари од Град Скопје и 2 милиона денари од Министерството за култура. Оваа година, програмата ја работиме со само 800.000 денари од Министерството за култура, без помош од Град Скопје“, рече Глигоров. Тој воедно посочи дека фестивалот ќе понуди достојна програма за 45. издание, која концепциски се осмислувала со настани што ќе ги реализираат сите оние институции што со години го поддржуваат „Скопско лето“, како МНТ, НОБ, Драмски театар, Францускиот институт (претходно Француски културен центар) и други

Хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звјездан Ружиќ со ексклузивен концерт во Куршумли ан, на 21 јуни, од 20:30 часот, ќе го отвори 45. издание на фестивалот „Скопско лето“. Ружиќ доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“, кој е комбинација од пијано, мелотрон и педали, на кои свири уметникот со нозете. Самиот Ружиќ, кој е академски џез-пијанист, го опишува „Пијанотрон“ како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и од етномузиката.

„Звјездан е човек оркестар! Неговите авторски албуми беа наградени со 5 престижни награди за дискографија ‘Порин’ (познато како хрватско ‘Греми’), а Хрватскиот музички сојуз 6 пати му ја има доделено наградата ‘Статус’ за најдобар џез- пијанист во Хрватска. Тој има соработувано со многу големи уметници, како што се: ‘2Cellos’, ‘Harlem Gospel Choir’, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ… Официјален уметник е за ‘Yamaha Pianos’ за целиот свет, а во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што моментално живее и ја гради својата меѓународна кариера. На својот роденден, на Светскиот ден на музиката, Звјездан Ружиќ и неговиот ‘Пијанотрон’ ќе ја почестат публиката во Скопје со вечер за паметење“, посочија од фестивалот „Скопско лето“.

Никола Глигоров, директорот на Дирекцијата за култура и уметност, која е организатор на „Скопско лето“, на денешната прес-конференција најави дека годинава фестивалот ќе вклучи 22 концерта, седум театарски претстави, од кои три за деца, како и седум изложби и две промоции на книги.

„Минатата година, имавме буџет од 2 милиона денари од Град Скопје и 2 милиона денари од Министерството за култура. Оваа година, програмата ја работиме со само 800.000 денари од Министерството за култура, без помош од Град Скопје“, рече Глигоров.

Посочи дека фестивалот ќе понуди достојна програма за 45. издание, која концепциски се осмислувала со настани што ќе ги реализираат сите оние институции што со години го поддржуваат „Скопско лето“, како МНТ, НОБ, Драмски театар, Францускиот институт (претходно Француски културен центар) и други.

„Сакам да им се заблагодарам на тие што во 1980 го стартуваа ‘Скопско лето’. Тие сметаа дека Скопје заслужува манифестација во текот на летото, а ние се трудиме секоја година и да го оправдаме тоа“, додаде Глигоров.

На прес-конференцијата беа најавени дел од настаните што скопјани ќе можат да ги посетат од стартот на „Скопско лето“, на 21 јуни, до затворањето на фестивалот на 31 јули.

Сања Шуплевска од уметничкиот центар „Полифонија“ на 25 јуни, од 20:30 часот, во Сули ан, го најави концертот „Вивалдијада“ на кој ќе настапат камерниот оркестар „Полифонија“, хорот „Света Злата Мегленска“, како и солисти од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Горан Наумовски, одговорен за неколку од настаните на „Скопско лето“, пак, освен концертот на Звјездан Ружиќ, ја најави и претставата на Штипскиот театар „Лекција“ според Ежен Јонеско, во режија Ѓорѓи Ризески, која ќе се изведе на малата сцена во НОБ, на 24 јуни, во 20:30 часот. „На 4 јули, во салонот на НОБ, ќе се одржи концертот ’Најдоброто од Копров’, што ќе претставува колаж, музичко патување низ неговото творештво, со неговите хитови. Ќе се изведе од Ана Петановска, Наде Талевска, настапувам и јас, а ексклузивен гостин ќе биде Владо Јаневски“, додаде Наумовски.

Маја Чанаќевиќ, пак, од Европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“ (Фамес) ги претстави концертите на оркестарот „Фејмс“ во Сули ан, и тоа на 6 јули со диригентот Конрад ван Алфен и Артварк Саксофон квартет и на 22 јули со виолинистката Ирина Мурешану од Романија.

Александар Герасимовски од Музичката младина на Македонија, пак, посочи дека нивниот камерен оркестар на 31 јули, со концерт во Сули ан, ќе го затвори „Скопско лето“, но дека ќе настапат и претходно на фестивалот, на 24 јули, исто така во Сули ан, со „Завршниот концерт од кампот ‘Етно Македонија 24’“ на кој ќе учествуваат уметници од повеќе земји. (Н.И.Т.)


0 views

Comments


bottom of page