Хорот „Гортинија“ од Гевгелија ќе ја претставува Македонија на еден од најголемите светски хорски на
Хорот „Гортинија“ од Гевгелија ќе ја претставува Македонија на еден од најголемите светски хорски натпревари во АвстријаГрадскиот мешан хор ‘Гортинија’ од Гевгелија ќе учествува на 57. Меѓународен хорски натпревар 2023 година, кој од 6 до 9 јули, ќе се одржи во замокот Порсија во градот Спитал ан дер Драу, во Корушка, Австрија. Се работи за еден од најстарите Меѓународни хорски фестивали во светот“, истакна Илија Атанасов, раководител и диригент на овој исклучителен хор. На овој натпревар годинава ќе настапат најдобрите 10 хорови од 10 земји, и тоа, Индонезија, Канарски Острови, Македонија, Полска, Швајцарија, Словенија, Тајланд, Украина, САД и Австрија
Еден од најдобрите и најплодни музички амбасадори на Гевгелија и на Република Македонија, Градскиот мешан хор „Гортинија“, засилено се подготвува за настап на еден од најголемите Светски хорски натпревари, кој во првиот викенд на месец јули 2023 ќе се одржи во Австрија.
По настапот во Солун, минатиот месец, хорот „Гортинија“ изминатиот викенд го одржа својот Годишен концерт пред гевгелиската публика, кој беше своевидна генерална проба пред настапот во Австрија. Тие уште еднаш го докажаа она што го тврди нивниот диригент, Илија Атанасов, дека посебна мотивација и инспирација за нивната работа претставува поддршката на гевгелиската публика.
Публиката имаше можност да ужива во класичните хорски композиции од Палестрина, Брикнер, Ѓеило, Дрео, Калникс, Шуплевски, Скаловски и Лековски. Како едно пријатно изненадување беа гостите на концертот, новоформираниот детски градски хор „Божилак“, составен од ученици од четврто и петто одделение, кои после само 4 месeци упорна работа, го имаа своето прво „огнено крштевање“ пред гевгеличани!
По овој концерт, со раководителот и диригент на овој исклучителен хор Илија Атанасов за весникот „ВЕЧЕР“ разговаравме за Меѓународниот хорски натпревар во Австрија и неговите очекувања.
„Градскиот мешан хор ‘Гортинија’ од Гевгелија ќе учествува на 57. Меѓународен хорски натпревар 2023 година, кој од 6 до 9 јули, ќе се одржи во замокот Порсија во градот Спитал ан дер Драу, во Корушка, Австрија. Се работи за еден од најстарите Меѓународни хорски фестивали во светот“, истакна Атанасов. На овој натпревар годинава ќе настапат најдобрите 10 хорови од 10 земји, и тоа, Индонезија, Канарски Острови, Македонија, Полска, Швајцарија, Словенија, Тајланд, Украина, САД и Австрија.
„Се работи за етаблирани државни хорови од овие земји и слободно може да речам дека се работи за своевидно ‘светско’ хорско првенство. Конкуренцијата е огромна, а селекцијата за овој натпревар беше исклучително строга. Најнапред се гледаше работата на диригентот, преку неговото CV, потоа следеше еваулација на целокупната работа на хорот, преку натпреварите на кои настапувал и наградите кои ги има освојувано, за да на крајот се преслушуваа снимките од настапите на хорот кој сака да учествува на овој натпревар“, потенцира Атанасов. Додавајќи „Морам да признам дека бев изненаден кога го добивме одговорот дека сме примени, бидејќи до сега неколку пати конкуриравме за настап на овој реномиран собир на најдобрите светски хорови. Она што посебно ме радува е фактот што ќе бидеме првиот хор од Македонија кој настапил во замокот Порсија“, потенцира Атанасов.
Инаку, Атанасов додава и дека хорскиот натпревар ќе се одржи во две категории:
Категорија А – уметничка песна (современа хорска литература), со наградата Гинтер Митерграднегер и Категорија Б – народна песна.
За натпреварот од Категорија А, хорот мора да се испеат две (од три) задолжителни песни од Томас Томкинс, Антон Брукнер или Кристијан Дрео, и дополнителна кратка програма по избор на хорот, која не смее да надмине 10 минути чисто време за пеење. За кратката програма е дозволен и софистициран џез или поп аранжман.
„Ние се одлучивме за Брукнер и Дрео, додека во дополнителната програма се одлучивме за четири обработки на народни песни, меѓу кои се „Оган го гори Брезово“ и „Дафино, вино црвено“, вели Атанасов
Наградите во оваа категорија се примамливи, па така првата награда носи 1.500 евра. Втората награда е 900 евра и третата награда е 600 евра, како и Гинтер-Митерграднегер-Награда за најдобра интерпретација на современо дело кој носи 1.000 евра. Но нам ни е битно да се претставиме во најдобро светло како единствени претставници од Република Македонија, заврши Атанасов.
Инаку, на веб-страницата на Меѓународниот хорски натпревар, хорот „Гортинија“ (античкото име на Гевгелија) е претставен како хор основан во 2006 година кој доаѓа од Македонија. Во моментов членовите на хорот се млади ентузијасти, аматерски пејачи со одлични вокални интерпретации и љубов кон хорската уметност. Во текот на годините на неговото постоење, хорот има бројни концертни настапи на национална и меѓународна сцена за презентирање и освоено бројни домашни и меѓународни награди. Хорот е под раководство на диригентот Илија Атанасов и посветува особено внимание на вокално-инструменталните дела. Настапува на меѓународни хорски натпревари во Шпанија, Австрија, Италија, Полска, Турција, Романија, Словенија, Бугарија, Србија и Црна Гора, освојувајќи голем број награди и признанија (златни и сребрени плакети, специјални награди, награди за најдобар диригент). Учествува на семинари по хорско диригирање, водејќи работилници во Бугарија, Турција, Србија и презентирајќи ја македонската хорска музика. (Љ.А.)
Comments