Хорнер за можноста да го ангажира Хамилтон во Ред Бул: Никој не може да му парира
Првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер одговори на новинарско прашање поврзано со можното доаѓање на седумкратниот шампион Луис Хамилтон во неговиот тим.
Ваквото прашање следуваше по изјавата на шефот на Мерцедес, Тото Волф кој изјави дека ќе го разбере Хамилтон доколку пројави желба да го напушти тимот кој во последно време мака мачи да стигне до редовна борба за врвот.
Сепак, Хорнер истакна дека во моментов во Ред Бул се презадоволни со Ферстапен и Перез и дека не можат да пронајдат простор дури и за величина како Хамилтон.
– Успесите на Луис се неверојатни, никој не може да му парира во тој поглед. Сепак, среќни сме што ги имаме Макс Ферстапен и Серхио Перез. И двајцата се многу посветени на оваа, но и на наредната сезона и не гледам како би можеле да направиме простор за Хамилтон во нашиот тим.
– Убеден сум дека Мерцедес ќе ги реши проблемите кои ги има, се уште не смееме да ги отпишеме ниту во оваа актуелна сезона, -јасен беше Хорнер.
Comments