Холивудскиот маестро Џон Вилијамс ќе влезе во историјата на „Оскарите“
Од „Војна на ѕвездите“ до „Ајкула“ и „Шиндлеровата листа“, Џон Вилијамс ги напиша некои од најпрепознатливите музички теми во филмската историја. Со вкупно 53 номинации за „Оскар“, Џон Вилијамс има повеќе номинации од кој било друг жив уметник. Само покојниот Волт Дизни може да му парира со 59 номинации. Вилијамс заработи нова номинација со композициите за филмот на Стивен Спилберг, The Fabelmans („Фејбелменови“). Со 91 година Вилијамс е најстарата личност номинирана за „Оскар“, а доколку ја добие својата шеста статуетка в недела (12 март), холивудскиот маестро ќе биде и најстар победник во натпреварувачка категорија. Актуелниот рекорд го држи сценаристот Џејмс Ајвори на 89-годишна возраст. „Изгледа нереално дека некој може да биде толку стар и да работи толку долго“, изјави Вилијамс неодамна за Ен-би-си. „Сè уште сум возбуден, дури и по 53 години“, рече тој коментирајќи ја својата последна номинација. „Многу сум задоволен и мислам дека е човечки да чувствуваш задоволство кога некој ја цени твојата работа“. Во текот на својата извонредна кариера композиторот доби „Оскар“ за музиката за Star Wars, Fiddler on the Roof и за три филма на Стивен Спилберг, со кого е тесно поврзан – Jaws, E.T и Schindler’s List.
Comments