top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Холанѓанецот Ник Ландер го засака македонскиот фолклор, се ожени со македонско девојче и живее во Не

„Во селото Негорци купив куќа каде што живееме со мојата жена. Сè уште немам државјанство, имам само лична карта со привремен престој која секоја година ја обновувам“, вели сега триесет и едногодишниот Холанѓанец Ник Ландер за кој пред три години пишувавме во весникот ВЕЧЕР и кој тогаш јасно и гласно ни кажа, „се заљубив во македонскиот фолклор, сакам да живеам во Македонија и да станам Македонец“. Во меѓувреме, ја победи и најтешката болест-рак, и со крената глава и ведар дух како што го запознавме, тој и денес игра македонски ора и ги учи и децата, како што вели самиот „да не се заборават или изгубат нашите македонски ора“

Насмеано младо момче, дојдено од Холандија во Македонија подобро да го запознае македонскиот фолклор, но и одушевено од македонските ора и песни кои го освоија – од прва… Вака накратко би го опишале Ник Ландер, Холанѓанец кој го запознавме пред три години на еден фолклорен настан во Скопје, каде заедно со културно уметничкото друштво „Негорци“ (поточно како негов член), настапи и пред публиката во Скопје. Тогаш го видовме првпат и со својот ентузијазам веднаш го освои нашето внимание. Ни кажа „Јас сум Холанѓанец, дојдов во Македонија да ги играм македонските ора, бидејќи сум одушевен од македонскиот фолклор“. Колку и да звучеше чудно во тој момент, Ник Ландер и денес, после три години, сè уште е во Македонија, поточно живее во селото Негорци, член е на истото културно-уметничко друштво и со несмален жар ги игра македонските ора. А во Македонија ја најде и љубовта на својот живот…

Се уште нема државјанство, но има сопруга и куќа во Негорци

„Во селото Негорци купив куќа каде што живееме со мојата жена. Сè уште немам државјанство, имам само лична карта со привремен престој која секоја година ја обновувам“, вели сега триесет и едногодишниот Холанѓанец Ник Ландер за кој пред три години пишувавме во весникот ВЕЧЕР и кој тогаш јасно и гласно ни кажа, “се заљубив во македонскиот фолклор, сакам да живеам во Македонија и да станам Македонец“. Иако овој ведар млад човек се уште нема македонско државјанство, тој стана жител на Негорци и си ожени македонско девојче. Убавка е избраничка на неговото срце, а тој и понатаму ги игра македонските ора и ужива во дружењето со своите македонски пријатели.

А животот на овој млад човек во изминатите години беше навистина неверојатен, полн со предизвици, многу убави, но и тешки моменти… Сепак, вербата во животот и љубовта очигледно се лек за сите животни премрежиња, па дури и за најтешката болест, бидејќи – успеал да ја победи… Но, да одиме по ред.

Кога го запознавме Ник пред три години тој веќе една година живееше на југот на нашата држава, меѓу своите нови пријатели од Гевгелија. А во денешно време кога младите од Македонија масовно заминуваат во европските земји, приказната на овој млад Холанѓанец, роден во Делфт, Холандија, на 16 април 1989, како што кажавме и тогаш, звучеше речиси неверојатно…

На 17 години го засакал македонскиот фолклор

„Првпат дојдов во Македонија во градот Охрид со мојата фамилија на годишен одмор во 2006 година. Една година претходно во (2005 година) во Холандија се запознав со фолклорното друштво КУД „Негорци“ од Негорци, кои имаа фолклорен настап во Холандија. Од фолклорното друштво потоа дојдоа да ме посетат во Охрид додека бев на одмор, така се зближивме и покрај нив го запознав и јужниот крај на Македонија“, нè потсети деновиве Ник на неговата приказна која го довела во една земја со „фолклор што ти се вовлекува под кожа“.

При нашиот прв разговор всушност тој ни го откри и неговиот афинитет кон фолклорот во светски рамки, но и изворно, со многу емоции за деталите од неговиот престој во Македонија.

„Почнав на шест години да играм светски фолклор, меѓу тоа учев и за македонски фолклор и се заљубив во македонските игри и песни, на мои 17 години. Пред 13 години мислам бев на еден фестивал за фолклор во Холандија каде што беше и една група од Македонија КУД „Негорци“. Таму ја видох таа група како свират и играат македонски фолклор. Многу ми беше интересно, ритам, носии, тапан… И сакав да си купам од тие македонски чорапи и опинци. Цело време бев кај нив, секој настап го гледав. Се заљубив во македонски фолклор. Секој ден слушав македонски песни и ора“, ни кажа тогаш Ник. Рака на срце, зборуваше на дијалект, бидејќи како што објасни низ смеа “Не можам да зборувам скопски, научив само гевгелиски“.

Многу години зборував да дојдам во Македонија, да бидам Македонец

И тогаш, пред цели три години ни ја раскажа целата приказна на „чист-негов гевгелиски“.

„Подругата година отидев за Македонија, да видам каква земја беше, заедно со сестра, татко и мајка ми, во Охрид. Јас пишав на таа група од Негорци оти во Македонија стигнав и КУД “Негорци“ дојдеа во Охрид да ми кажат „Добро дојдовте“, елајте во Гевгелија да видиш како е таму. И од тогаш доаѓав на гости секоја година на одмор во Гевгелија и Богданци, ама и во Струга, Битола, Штип, Свети Николе… Игравме на фестивали низ Македонија со КУД „Негорци“. Многу години зборував да дојдам во Македонија, да бидам Македонец. Овде имам многу другари и сакав да бидам со нив. Пред една година стигнав во Гевгелија, кај една добра фамилија (не мојта), бев една година на гости и работам во ресторант во Гевгелија. Од ваа година почнах сам да живеам. Јас имам другари секаде низ Македонија, ама најмногу во регион Гевгелија. Зашто да живеам во друго место и да бидам сам? Тука имам другари за да не бидам сам. Македонците се потопли отколку луѓето од Холандија. На пример тука секој ден си лафиме на телефон как сум јас, шо правам… Во Холандија може нема да ѕвонат една недела (ха, ха). Друг менталитет е тука. Мене ми треба другари, дружење за да бидеме среќни и весели. Жива македонска музика ми е најубава, да играме со сите, млади стари, машки, женски, еден народ, не мислиме за други и тешки работи“. Тогаш разговорот Ник го заврши со зборовите: „За иднина ќе видам што ќе биде. Сега за сега сум многу среќен, тука во Гевгелија можам да живеам, си работаме, играме фолклор и на гости одиме. Што да кажам за моите другари, здравје нека има, тоа е најбитно“.

Со тоа целосно се сложуваме, здравјето е најважно, но и тоа е кршливо, особено во ова време на пандемија, во време на модерни болести, а судбината не секогаш се одвива онака како што посакуваме…

Ја победи најтешката болест

Кога пак, деновиве се слушнавме за да го запрашаме што се случило во меѓувреме, ни кажа: „Со жена ми живееме заедно 2 години. На Божик претходната година (2020) ја запросив. На запросувачката беа и моите родители и нејзините, беше прекрасна вечер. Тој период се запознаа нашите родители кои добро се разбираат меѓусебно. По запросувачката неколку дена дознавме дека имав страшна болест – рак. Се лечев во Холандија околу четири месеци за време на короната, сега сум добро, ја победив болеста“, ни откри Ник. Точно пред една година, пак, на 19 декември 2020, се случи и еден од најубавите моменти во неговиот живот.

Тој се венчаше со македонското девојче Убавка. Вели „имавме мала прослава заради короната, но планираме да направиме поголема свадба кога ќе сме во можност, заради вирусот… И се уште сум вљубен во македонскиот фолклор“, низ смеа ни кажа Ник.

Тој се уште е член и на фолклорното друштво КУД „Негорци“ каде што македонскиот фолклор го пренесуваат на помали и поголеми деца.

„Оваа година почнавме со нови групи од помали деца да ги учиме македонските стари ора и кореографијата на ората. Сè уште има поголем интерес кај помалите деца, што мене многу ме радува за да не се заборават или изгубат нашите македонски ора“, ни кажа Ник при овој повторен наш разговор по цели три години.

А за самата објава која тогаш ја имаше во нашиот весник за неговиот живот и неговата желба да стане Македонец, ни вели: „Беше многу интересно. Многу луѓе објавија на социјалните мрежи во Холандија и Македонија“.

Во Холандија немаме коледарски оган, ниту паричка во погача

Го запрашавме и како ги поминувал деновите во овој пандемиски период кој, за жал, сè уште трае и кој на сите ни го промени животот, а кој едноставно би сакале да го заборавиме. Со надеж дека се ќе биде подобро…

„Претходната година ние бевме за Холандија поради болеста што ја имав, оваа година, моите дојдоа во Македонија. Бевме на одмор во Охрид неколку дена, а потоа кај нас во селото“, ни одговори Ник. Сепак, никој не сака да се потсетува на лошите и неубавите денови, а со оглед дека сме во периодот на едни од најубавите празници во годината, новогодишните и божикните, го запрашавме и за разликата во обичаите во двете земји и што му се допаѓа тука.

„Во Холандија и Македонија има разлика за божикните празници. Во Холандија порано е Божик за разлика од Македонија. Не славиме Стара нова година, немаме коледарски оган. Во Македонија ми се допаѓа што има паричка во погачата и што јадењето стои цела вечер на масата за Бадник“, вели Ник.

А каде е поубаво да се живее, во Македонија или во Холандија, беше нашето следно прашање, на кое исто така добивме одговор.

„Убаво ми е во Македонија бидејќи има повеќе слободно време и повеќе дружење. Жал ми што Македонија не е чиста држава од ѓубрето што се фрла насекаде, тоа не ми е убаво. Понекогаш мислам дека е поубаво во Македонија, а понекогаш обратно“, искрено ни одговори Ник.

И секако, она што и овој пат ни го повтори овој млад човек, кој низ животот оди со насмевка и крената глава е дека здравјето е најважно.

„На прво место ми е да сме сите живи и здрави, да се сакаме сите, да помине побрзо короната за да живееме нормален живот. Среќни новогодишни и божиќни празници и ви посакувам сè најубаво во новата 2022 година“.




2 views

Comentários


bottom of page