Хитовите на Френк Синатра во изведба на Џон Илија Апелгрен и Националниот џез-оркестар
07.02.2024 Februari Sreda
14 февруари е датум кој се поврзува со убави нешта, денот на љубовта, денот на виното, а годинава овој датум ќе го одбележи и еден посебен настан, концертот на Националниот џез оркестар со според многумина, еден од најдобрите џез вокали на овие простори, но и пошироко, Џон Илија Апелгрен. Концертот на кој ќе бидат изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, во интерпретација на Апелгрен, ќе се одржи во салата на Националната опера и балет, со почеток од 20 часот.
Френк Синатра се смета за „најголемиот машки поп-пејач во историјата на Америка,“ а некои ќе речат и „најголемиот пејач на 20 век“. Неговата харизматична појава се карактеризира со ретка комбинација на исклучителен вокал и способност да се биде шоумен, карактеристики кои му обезбедија дури три ѕвезди на Булеварот на славните во Холивуд за неговата работа во филмот и музиката.
На програмата ќе бидат изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, адаптирани за изведба со биг бенд состав. На сцената Апелгрен ќе биде придружуван од страна на членовите на Националниот џез оркестар.
Џон Илија Апелгрен е македонски џез вокалист, именуван како еден од најдобрите вокали на овие простори и пошироко. Често пати споредуван со Нет Кинг Кол, вокалот на Апелгрен нè потсетува на златни денови од ерата на биг бендовите.
Апелгрен зад себе има 39-годишно искуство на македонската музичка сцена од кои 35 години како џез изведувач кој настапувал со биг бендот на МРТ, биг бендот на ЗЏМ, и Македонската фихармонија, како и со голем број помали формациски состави. Во текот на неговата музичка кариера има снимено повеќе од 150 џез стандарди.
Comments