Хебрејска Библија стара повеќе од 1.000 години се продава за 50 милиони долари
Хебрејска Библија стара повеќе од 1.000 години ќе биде продадена на аукција во Њујорк за околу 50 милиони долари, објави аукциската куќа „Сотби“.
Кодексот Сасун, кој датира од крајот на деветтиот до почетокот на десеттиот век, е најстарата и најкомплетната хебрејска Библија откриена некогаш. Ќе стане најскапиот историски документ или ракопис што некогаш бил пуштен во продажба кога „Сотби“ ќе го продаде на аукција во мај.
– Тоа е веројатно еден од најважните и најуникатни текстови во човечката историја – рече Ричард Остин, глобален шеф за книги и ракописи на „Сотби“.
Како што велат од аукциската куќа, кодексот Сасун е еден од само двата кодекси, или ракописи, што ги содржи сите 24 книги од хебрејската Библија што преживеале до денешно време. Тој е значително поцелосен од Алепскиот кодекс и постар од Ленинградскиот кодекс, два други познати рани ракописи на хебрејската Библија.
Ракописот претставува врска помеѓу свитоците од Мртво Море, кои датираат од третиот век пр. н.е., и денешниот современ прифатен облик на хебрејската Библија. Името го добил по претходниот сопственик, Дејвид Соломон Сасун (1880-1942), кој ја собрал најважната приватна збирка на антички еврејски текстови во светот.
Документот е ставен на аукција за првпат по повеќе од 30 години, со процена на претпродажба помеѓу 30 и 50 милиони долари.
Во ноември 2021 година, „Сотби“ продаде еден од првите примероци на Уставот на САД за 43 милиони долари, што е рекордна цена за историски ракопис.
Comments