Фуриозно отворање на новата сезона на Филхармонија
Рецензија
Се чини дека насловот на новата концертна сезона „Филхармонија во движење“ беше и лајтмотив во настапот на филхармоничарите со Симон Трпчески во изведбата на Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во А-дур, С. 125 од Франц Лист. Концертот во еден став претставува континуирано движење на темите низ различни расположенија. Во него за нешто повеќе од дваесетина минути се „движите“ преку дијалозите, виртуозноста, колоритот и слоевитоста што ја создаваат преку континуирана соработка солистот и ансамблот. Со темата со која се отвора концертот изнесена од кларинетот на самиот почеток (во придружба со дрвени дувачи), која носи пасторален звук, се надоврзува пијаното со нежни арпеџа што како да звучи во фон, но со својата појавност носи елегичност. И токму тука на самиот почеток со постепено наслојување на инструментариумот, ја чувствувавме соработката на нејзините чинители. Оваа елегичност, под прстите на Трпчески, а во согласност во Листовата замисла, веднаш се трансформира во маркантност, која како куса фраза со длабочина и тежина носи во нова звучност исполнета со експресивност, а оркестарот, истиот мотив, преку дувачите и гудачите го оформи во романтична „кантилена“. Беспредметно е да се пишува за виртуозноста на Трпчески во брзите пасажи, длабочината на тонот, колоритот што го формира, односот што го има кон соговорникот, давајќи му не само водечка позиција (кога е тоа неопходно, а во овој концерт тоа е еден од белезите).
Сите трансформации што финализираат со брзи пасажи на пијаното, а потоа водат во робусна каденца, придружени со суптилни нежни солистички партии на хорната, чувствителната појавност на обоата, виолончелото, се случуваат само во помалку од три минути од композицијата. Постепено во изведбата на солистот, првата тема добива потежок и мажествен карактер. Одеднаш се појавува нова, строга марширачка слика, преку моќните акорди на Трпчески во десна рака и трансформацијата на темата во лева, која е поткрепена со постојано растечка оркестарска придружба и преземање на истоимената музичка идеја. Овој дел се „заокружува“ со карактеристичните фуриозни пасажи во октави. Но доволно од кусата анализа на првите неколку минути слушнатото дело. Диригентот Бебешелеа направил трансформација на нашиот оркестар, ја изменил неговата звучност, успеал да изнедри константа и дисциплина во изведбата, го подигнал неговиот квалитет. Во Листовиот концерт, во континуитет му беа доследни следбеници на Трпчески. Особено привлечни претставуваа енергичните појави на тутите, како и убаво оформеното соло на виолончелистот Паскал Краповски во дијалог со Трпчески. Во ова дело солистот го нема приматот, туку е инкорпориран во оркестарската текстура, така заемно, а под сигурната палка на Бебешелеа креира комплетно оформена звучна слика, во која секој миг ги перципирате тематските трансформации, развојот на музичката мисла, поткрепена не само со стабилна интонација туку и со издржана агогика и исклучително впечатлива динамика. Карактерните, стилски и емотивни турбуленции, кои се белег во композицијата, совршено ги претстави Трпчески. Секоја негова фраза е перфектно обликувана, динамиката впечатливо градена, а за виртуозноста и нема потреба да се потенцира. Аудиториумот, Трпчески го почести и со два биса, ведрото танцувачко дело на Франц Лист од „Виенски вечери“ и „Октомври“ од циклусот за пијано „Годишните времиња“ оп. 37 на Петар Илич Чајковски, кое Трпчески го посвети на неколку негови пријатели што ја загубија борбата со вирусот за време на пандемијата.
Интерпретацијата на Чајковски ја претстави големината на уметникот, кој и покрај толку изискувачки концерт и бурата на различните емоции во него, со исклучителна смиреност и чувствителност ја претстави суптилната разлика на она што изгледа само формално идентично. Вториот дел од концертот го чинеше симфонијата „Данте“, за која Лист ја наоѓа инспирацијата во „Божествената комедија“, именувајќи го првиот став со „Пекол“, а вториот „Чистилиште“. Почетокот на симфонијата, кој го претставуваат Данте и Вергилиј и нивниот пат низ круговите на пеколот, беше изведен исклучително драматично, тензично. По бавниот мрачен вовед, започна да звучи застрашувачкиот натпис на вратите на пеколот, фуриозно, вовлекувајќи во виорот нови инструменти. Бебешелеа успешно раководеше со оркестарот што особено експресивно ги претставуваше сите трансформации и во миговите кога тој настапува заедно, така и во трансформациите што ги носеа, прикажувајќи ги Франческа и Паоло, со кусиот речитатив на кларинет или, пак, солото на англискиот рог со придружба на харфата. Вториот став беше комплетно спротивен по звучност, затоа што во чистилиштето се искупуваат гревовите. Бебешелеа преку ансамблот ја донесе смиреноста, но прецизноста на настапите на одредени, пред сè, дувачи изостана на моменти. Развојот на делото доведе до финалето со „хорот на ангелите“ во „Магнификатот“. Женскиот дел од хорот „ПроАрс“ (раководен од маестро Сашо Татарчевски) со исклучително оформен тон и култивираност, како и една негова членка (со кусо соло) ни го донесоа гласот на ангелите и светлината.
Елени Новаковска novamakedonija.com.mk
Comments