top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Фудбалот ја засени пандемијата и ја врати радоста на стадионите

Фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, одложено за една година поради пандемијата на ковид-19, вредеше да се почека со оглед на многуте интересни натпревари, (не)очекуваните резултати, многуте возбудувања и голови. Во големото финале синоќа на стадионот „Вембли“ во Лондон играа Англија и Италија, и без оглед на победникот, општиот впечаток, кога станува збор за прикажаниот фудбал, е повеќе од позитивен. На ЕП вторпат настапија 24 репрезентации, кои одиграа 51 меч. Првпат на едно ЕП играше и Македонија (во групата Ц, со Холандија, Австрија и со Украина), не ја помина групната фаза, но општиот впечаток е дека не разочара.

Ова ЕП ќе се памети по неколку работи, од кои две се издвојуваат. Прво поради замислата тоа да се одржува низ континентот, во чест на 60- годишнината од првото ЕП, одржано во 1960 година, како и поради одложувањето што го предизвика пандемијата на коронавирусот. Паневропскиот шампионат се покажа како проблематичен поради многуте логистички проблеми, долгите и напорни патувања за повеќе репрезентации од земја во земја (и до 10.000 км) и веќе има јасни најави дека ова ќе биде единствено со ваков формат. Кога станува збор за одложувањето, најголемите проблеми беа поврзани со протоколите околу патувањата од земја во земја и за тоа дали и колку гледачи ќе има на стадионите. Сепак, се најдоа решенија, беа направени некакви компромиси, по што на стадионите имаше и гледачи, некаде повеќе, некаде помалку.


– Имаше одличен фудбал, интересни мечеви на ова ЕП, кое, според мене, беше поквалитетно од Светското првенство во 2018 година. Имаше возбудувања, неизвесност, сѐ што може да се посака. Фаворитите, најдобрите репрезентации, како Италија, Англија, Шпанија, според очекувањата, најмногу покажаа и заслужено стигнаа до завршницата. Имаме некои мали разочарувања, како на пример Франција, од која како актуелен светски првак повеќе се очекуваше, па и од Белгија, Германија. Во поглед на формациите, стилот на играта, немаше некои големи новини, повеќето селекции играа 4-3-3 или 4-2-3-1. Некои селектори се обидоа со тројца во последната линија во одбраната, но тоа беше краткотрајно, речиси инцидентно. Поседот на топката и понатаму е битен елемент, тука предничеше Шпанија, а и Италија не заостануваше многу, но знаеше да одигра и висок пресинг, да се брани како во најдобрите денови и потоа опасно да нападне од контра. Англија играше цврсто, умешно се бранеше, знаеше да ја задржи топката, да игра трпеливо и да изгради ситуација за гол. Кога имате голем избор одлични играчи не е тешко да форсирате своја игра, да менувате формации, па и да се приспособувате на противникот кога е потребно – вели Благоја Милевски, кој од 1 август ќе го замени Игор Ангеловски на функцијата селектор на репрезентацијата на Македонија.

Од репрезентациите, неколку се издвоија, како со игрите така и со резултатите. Пред сите, Италија предводена од селекторот Роберто Манчини, кој откако ја презеде таа функција во 2018-та, ги прероди „аѕурите“, играјќи офанзивен и допадлив фудбал. Англија е во рангот на Италија, со нов победнички дух, како и Шпанија, во која во тек е смена на генерациите и во која немаше ниту еден играч на Реал Мадрид што е вистински раритет. Но на нивниот селектор, Луис Енрике, треба да му се честита за храброста и за промовирањето на Педри (18) и на Дани Олмо (23), кои ја оправдаа довербата и се иднината на шпанската репрезентација. Пријатни изненадувања на ова ЕП е и Данска, која успеа да закрепне од шокот по срцевиот удар на Кристијан Ериксен во првиот меч и да стигне, и да загуби несреќно во полуфиналето од Англија. Пријатно изненадија Чешка, во чии редови блескаше центарфорот Патрик Шик, и Швајцарија, која го елиминира светскиот првак Франција.

– Една од спецификите на ова ЕП беа долгите патувања што за мене не беше добро и поединечни селекции ги ставеше во поповластена позиција, а некои не и, секако, влијаеше на некои резултати. Задоволен сум од прикажаните игри, од ефикасноста и мислам дека најдобрите заслужено стигнаа најдалеку. Разочараа некои селекции што се сметаа за фаворити, но такви работи има на секое ЕП или СП. Немаше некои големи новитети во формациите, главни беа 4-3-3 или 3-4-3, помалку 3-5-2 што е една од моите омилени формации. Но и тоа многу зависи од тимот на играчи што ги имате на располагање во моментот. За ВАР немам некое високо мислење, уште создава доста конфузија, дури и влијаеше на резултати, како на пример на мечот Англија – Данска, кога не помогна да не се досуди сомнителниот пенал – вели Ѓоко Хаџиевски, поранешен селектор на Македонија и тренер на многу македонски и странски тимови.

На индивидуален план некои ја потврдија својата висока класа, како тандемот центархалфови на Италија, Леонадро Бонучи (34) и Џорџо Кјелини (36). Кога сме кај Италијанците треба да се споменат голманот Џанлуиџи Донарума, Жоржињо, Леонардо Спинацола, Федерико Киеза и Лоренцо Инсиње. Вниманието врз себе го привлекоа Чесите Владимир Цоуфал и Шик, Данците Андреас Кристенсен и Пјер-Емил Хојбјерг, Хари Мегваер, Хари Кејн, и Рахим Стерлинг од Англија, Педри и Олмо од Шпанија итн.


2 views

Yorumlar


bottom of page