ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Aleksandar Santovski
- May 10, 2022
- 2 min read
Клоп може да им се приклучи на најуспешните, Анчелоти да се издвои на врвот
Петта сезона по ред тренер на барем еден од финалистите во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) е од Германија, сезонава тоа е Јирген Клоп со Ливерпул. Со евентуална титула, тој може да им се приклучи на дваесетината тренери што имаат најмалку два трофеја во ЛШ, а Карло Анчелоти, тренерот на другиот финалист, Реал Мадрид, со триумф би станал најуспешниот меѓу кормиларите во тоа натпреварување, со четири триумфа (по три имаат и Боб Пејсли со Ливерпул и Зинедин Зидан со Реал Мадрид). Три титули во низа освоија тренери од Германија, и тоа Клоп во 2019 година со Ливерпул, Ханси Флик во 2020-та со Баерн и Томас Тухел лани со Челси. Во 2018 година, Клоп беше финалист со Ливерпул. Германските тренери досега имаат 10 титули, и тоа по две Дитмар Крамер (со Баерн во 1975 и во 1976 година), Отмар Хицфелд (со Борусија Дортмунд во 1997 и со Баерн во 2001 година) и Јуп Хејнкес (со Реал Мадрид во 1998 и со Баерн во 2013 година), а по една Удо Латек (со Баерн во 1974 година), Клоп, Флик и Тухел. Рекордери се тренерите од Италија со 11 титули (Анчелоти има три, Нерео Роко и Ариго Саки по две, Џовани Трапатони, Фабио Капело, Марчело Липи и Роберто ди Матео по една).
Реал Мадрид може да ја повтори сезоната 1999/2000
Три тима досега станале европски фудбалски прваци со по четири пораза во текот на соодветната сезона. На таа листа се и двата финалисти сезонава, Ливерпул, кој тоа го стори во сезоната 2018/2019, и Реал Мадрид, од сезоната 1999/2000. Третиот тим со европска титула по четири пораза во една сезона е Милан, од сезоната 2002/2003. Ливерпул сезонава загуби еден меч, а Реал Мадрид може да биде првиот со две титули по четири порази во една сезона, откако сезонава загуби од Шериф, ПСЖ, Челси и од Манчестер сити.
ТРИУМФ ВО КУПОТ НА ФРАНЦИЈА Нант се враќа на европската фудбалска сцена по 20 години
Нант е освојувач на фудбалскиот Куп на Франција, првпат по 22 години, по минималната победа во финалето над Ница, со 1-0, на стадионот „Стад де Франс“. За Нант ова е четврти трофеј во Купот на Франција и прв поголем триумф по освоената титула во Лига 1 во 2001 година. Згора, оваа победа значи и пласман на Нант во Лига Европа за следната сезона, за прва европска сезона по пауза од 20 години. Ова беше првото финале во Купот на Франција од 2014 година во кое го немаше Пари сен Жермен, кој Ница го елиминира во осминафиналето во јануари, на пенали.

Comments