top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ФУДБАЛ Алтернативен систем на натпревари за проширената ЛШ?

ФУДБАЛ

Во Лигата на шампионите (ЛШ) се одиграа натпреварите од првото коло по групи и иако форматот не е совршен, има многу помалку недостатоци од она што се најавува за блиска иднина. Има само уште три сезони во ЛШ во сегашната форма, до 2024 година, за кога се најавува воведување на т.н. швајцарски систем, пишува весникот „Телеграф“. Постојат причини зошто фудбалот не го прифатил тој систем претходно. Наместо тоа, тој е фаворизиран на турнирите во шах, крокет, бриџ и скрабл. Тоа ќе биде ЛШ, но без вистинска лига. Во лига, според дефиниција, клубовите играат меѓу себе во одреден временски период. Во моментов во ЛШ има осум групи со по четири екипи што играат меѓу себе, дома и на гости, а првите две во групите се пласираат во осминафиналето. Тоа е едноставно и ефикасно, но недостатоците се очигледни, пишува „Телеграф“. Премногу често мечевите во групите се бесмислени. Две екипи доминираат, а другите две се аутсајдери, иако ова се случува поретко отколку што се тврди. Друг недостиг е тоа што на тимовите им се гарантира само играње со три противници, а често се случува тие да бидат во иста група од сезона на сезона. Клубовите сакаат повеќе натпревари. Натпреварувањето ќе се прошири од 32 на 36 тима и ќе има една голема лига, со тоа што секој тим ќе игра против само 10 противници, без да се сретне со другите 25.

Тие нема да играат против ист тим дома и на гости, а осумте најдобри автоматски ќе се квалификуваат во осминафиналето. Тимовите што ќе бидат пласирани од деветто до 24-то место ќе разигруваат во баражот. Последните осум екипи ќе бидат елиминирани по 10 натпревари во првата фаза. Секоја објективна анализа на ова гледа како на „играње со системот“, пишува „Телеграф“. Се тврди дека ќе има значајни и интересни натпревари, но постои опасност дека врвните тимови што ќе ги добијат првите мечеви и ќе се квалификуваат во следната фаза ќе треба да одиграат можеби три, четири натпревари без никакво значење за нив, но кои би можеле да влијаат врз пласманот на другите тимови во лигата. Но постојат и други алтернативи, пишува „Телеграф“. ЛШ може да се прошири од 32 на 36 тима, но што е со опцијата шест групи со по шест екипи?

Тоа е проширување од сегашните осум групи со по четири тима и значи дека ќе има повеќе натпревари и повеќе противници. Секој тим ќе игра дома и на гости против пет противници во групата, со тоа се одржува интегритетот на натпреварувањето и ќе има 10 натпревари, што се чини дека секој ги посакува. Првите две екипи од секоја група автоматски ќе се квалификуваат меѓу 16-те најдобри, како што е и сегашниот формат, плус четирите третопласирани со најдобар ефект. Постои можност некои да продолжат во Лига Европа, преостанатите два третопласирани тима и шесте четвртопласирани. Ова изгледа многу поправедно, многу поизбалансирано решение, пишува „Телеграф“. Ќе има, како што се посакува, повеќе натпревари и повеќе противници во групната фаза и ќе биде поконкурентно. Тимовите ќе треба да играат до крајот, а групите неизбежно ќе бидат посилни и понепредвидливи.


3 views

Comments


bottom of page