Франција обоена во црно: Почина легендарниот рекордер од светските првенства (Фото)
Угледните француски медиуми ова попладне проследија една тажна вест до цела спортска јавност во оваа земја, бидејќи фудбалот рано утрово останал без еден од најдобрите голгетери во историјата на „триколорите“. Жист Фонтен починал во својот дом во Тулуз на 89-годишна возраст и оваа вест ја обои во црно цела спортска јавност во Франција, бидејќи станува збор за незаборавен голгетер кој се уште држи еден рекорд кој трае повеќе од шест децении. Фонтен најголемата слава ја доживеал на Светското првенство во 1958-ма година кога постигнал 13 гола на мундијалот, што и ден денеска е рекорд по бројот на постигнати погодоци на еден финален турнир. Благодарение на неговиот неверојатен учинок, Франција го освоила третото место на Светското првенство и се закитила со бронзениот медал, но покрај репрезентативниот учинок, Фонтен ќе се памети и по остварувањата на клупски план. Еднаш го има освоено домашното првенство со Ница, а дури три пати со Ремс каде бил и најдобар голгетер со 34 постигнати гола во една натпреварувачка сезона. Во негова чест, Француската Фудбалска Федерација најави дека сите натпревари ќе почнат со минута молк во колото што претстои.
Comentarios