top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Франкофонски филмови, словачки класици и повторно „Великаните на Браќа Манаки“ во Кинотека, мартовската програма со остварувања од различни кинематографии

14.03.2024 Mart Cetvrtok

Неделата на франкофонскиот филм, продолжувањето на ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“, како и класиците од словачката кинематографија се настаните кои ќе се случуваат во Кинотеката на Македонија до крајот на март.

На 15 март, од 20 часот со проекција на швајцарскиот филм „Блех-музика“ на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал, во Кинотеката ќе биде отворена Неделата на франкофонскиот филм. Настанот со пригодни говори ќе го отворат амбасадорите на Франција Сирил Бомгартнер и на Швајцарија Вероник Хулман.

„Блех-музика“

По проекцијата ќе следува посета на изложбата на македонската уметница Јана Манева-Чупоска. Неделата на франкофонскиот филм ја организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со амбасадите на Швајцарија, Романија, Белгија, Албанија, Грција, Бугарија, Бугарскиот културно-информативен центар и Кинотеката на Македонија.

Притоа, во рамките на Неделата на франкофонскиот филм ќе бидат прикажани следниве остварувања: бугарскиот „Бескрајна градина” на Галин Стоев и романскиот филм „Слобода” на Тудор Гиуригу (16 март), потоа албанскиот „Делегација” на Бујар Алимани (18 март), македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска (19 март), францускиот „Дивертименто” на Мари-Кастиј Мартијон-Шар (20 март), како и белгискиот филм „Љубезните” на режисерот Оливије Ранже (21 март). Затворање на филмската недела е со грчкиот филм „Ефтихија” на режисерот Ангелос Францис, на 22 март. Освен филмот „Бескрајна градина” чија проекција ќе биде во 18 часот, сите останати се од 20 часот. Филмовите се со превод на македонски јазик, а за остварувањата од нефранкофонско говорно подрачје обезбеден е превод на француски јазик.

„Најсреќниот човек на светот”

Во март, во Кинотеката продолжува и ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ која започна во февруари. Ретроспективата се реализира во пресрет на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ пришто Кинотеката, фестивалот и Центарот за култура Битола организираат прикажување на култни филмови чии кинематографери се досегашните лауреати на „Браќа Манаки“. Во Кинотека филмовите се прикажуваат секоја среда од 20 часот, а во Центарот за култура Битола секој понеделник во истото време. Во март во рамките на ретроспективата веќе беа прикажани „Неверојатната судбина на Амели Пулен“ во режија на Жан-Пјер Жене, а снимен од францускиот кинематографер Бруно Делбонел, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност на „Браќа Манаки“ во 2011, како и „Добриот, лошиот и грдиот“ во режија на Серџо Леоне, на италијанскиот кинематографер Тонино Дели Коли, добитник на Златната Камера 300 за животен опус на „Браќа Манаки“ во 2002.

Следуваат филмовите „Ерин Брокович“ (на 20 март, 18 часот) во режија на Стивен Содерберг, снимен од веројатно најголемиот кинематографер на американскиот независен филм, Роберт Лакман, добитник на Златната Камера 300 за животен опус на „Браќа Манаки“ во 2019 и „Леон професионалецот“ (на 27 март, 20 часот) на Лук Бесон, снимен од францускиот кинематографер Тјери Арбогаст, добитник на Наградата на публиката на „Браќа Манаки“ во 2006 година.

„Леон професионалецот“

Крајот на март, пак, ќе го одбележи ретроспективата на словачкиот класичен филм. „Ова е навистина ретка можност за македонската филмска публика да добие суштински увид во историјата на една релaтивно блиска кинематографија, како словачката. Како што кажува и името на ретроспективата, тоа е селекција на класици на словачката кинематографија од периодот на комунистичка Чехословачка. Станува збор за филмови кои се репрезентативни за развојот на словачкото кино, кои оставиле огромно влијание врз современите словачки филмски автори или се стекнале со култен статус. Оваа ретроспектива е разновидна и возбудлива селекција на филмски лектири. Вклучува филмови од различни видови и жанрови како играни, документарни, анимирани и кратки“, посочуваат од Кинотеката и додаваат дека ревијата е организирана со помош на Словачкиот Филмски Институт и Словачката амбсада во Скопје.

„Бандитот Јурко“

Остварувањата кои ќе се прикажат во рамки на Деновите на словачкиот филм се: документарците „Дојди кај нас стар Шатерланд“ и „Слики од стариот свет“ во режија на Душан Ханак (на 23 март, од 20 часот), потоа анимацијата „Промоција“ во режија на Виктор Кубал и играниот „Случајот на Кос Барнабаш“ на Петер Солан (на 25 март, од 20 часот), документарецот „Крстопати“ во режија на Ладислав Куделка и играниот „Клучни години“ на Јурај Јакубиско (26 март, од 20 часот), анимациите „Мистериозниот дедо“ и „Бандитот Јурко“ на Виктор Кубал (на 28 март, од 20 часот) и повторно анимација на Кубал – сега насловена „Два добри пријатела“, како и играниот филм „Ноќни јавачи“ во режија на Мартин Холи (на 29 март, од 20 часот). (Н.И.Т.)

Изложбата „Париски цртан филм“ на Јана Манева – Чупоска 

На отворањето на Неделата на франкофонскиот филм, на 15 март, во 21:30 часот во фоајето на Кинотеката, ќе може да посети и изложбата „Париски цртан филм“ на проф. д-р Јана Манева – Чупоска. Изложбата се состои од цртежи изработени на триесет метри цртачка хартија, во техника јаглен во форма на филмска лента. Оваа изложба е создадена во 2023 година во македонското ателје при меѓународниот центар во Париз (Cite Internationale des arts).

…Лични импресии, додадени соништа, реални и нереални форми и облици кои ја креираат реалната и уметниковата рефлекција од градот Париз. Француска историја, француска гастрономија, француска мода… Париски соништа…


1 view

Comments


bottom of page