top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Фрагментирани реалности“ на Страхил Петровски во КИЦ

„Фрагментирани реалности“ е изложба на Страхил Петровски закажана за 24 ноември во Културно-информативен центар во Скопје. Кураторка на изложбата е Маја Чанкуловска Михајловска, историчарка на уметност. – Проектот е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и со години), време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос што речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни што влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст оваа изложба нема цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази што се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото – пишува во најавата на изложбата.

Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Тој е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломира сликарство во 1997 година на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Работи како советник конзерватор реставратор во НУ „Национален конзерваторски центар“.

С.Ј.


0 views

Comments


bottom of page