ФОТО | Џон Малкович во Скопје: Уживаше во црвено вино, но се криеше додека пуши
Џон Малкович вели дека најубав дел од денот му е оној кога ќе се напие чаша црвено вино, велат за „Слободен печат“ оние кои се дружеа со холивудскиот актер вчера во Скопје, во една позната винарија.
Малкович беше гостин на „Охридско лето“ со драмско-музичката претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“, која го исполни Античкиот театар до последно место. По Охрид, тој замина за Скопје.
Фото: Приватна архива
Во скопската винарија, тој дегустирал македонски вина заедно со повеќе домашни познати личности, меѓу кои актерот Тони Мијахловски со сопругата и водителот Мирослав Кацаров, кој бил дел од протоколот, претставник од ТВ „Канал 5“.
Фото: Приватна архива
Кацаров вели дека имал прилика да разговара со светски познатиот актер. Зборувале за неговите соработки со холивудските ѕвезди, а Малкович му рекол дека најголем впечаток му оставил Клинт Иствуд.
– Тој е многу едноставен човек и голем хедонист, таков впечаток ми остави. Уживаше пиејќи црвено вино и ми рече дека и тој самиот има мала винарија. Од винаријата сакаа да му подготват подарок, но одби, рече дека шишињата вино не сака да ги носи во авион. Изминативе недели, тој сменил пет држави, а следно замина за Црна Гора. Малкович рече дека многу ретко ја дава домашната адреса, но на одговорните од винаријата ја даде, за да му ги испратат подароците дома. Но, она што ми беше најинтересно е што не сакаше да го фотографираат додека пуши. Тој е пушач, но се криеше од камерите – ни рече водителот Кацаров.
Фото: Приватна архива
Во Охрид, Малкович беше сместен во апартман во хотелот „Инекс Олгица“, каде што одржа прес-конференција пред претставата. Според неговата желба, пресот траеше половина час и се зборуваше само за претставата.
Comments