top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ФОТО | „Неговата среќна ѕвезда сè уште ме штити“: Игор Џамбазов со емотивна објава за роденденот на дедо му Петре Прличко


13.03.2024 Mart Sreda

На денешен ден, во 1907 година, е роден истакнатиот македонски актер Петре Прличко, кој сам по себе претставува вистинска легенда и зазема голем удел во македонското глумиште во 20. век.

Неговиот внук, актерот и водител Игор Џамбазов, објави фотографија со својот дедо од детските денови, од периодот кога заедно ја снимаа серијата „Волшебното самарче“. Патем, како што е општо познато, Прличко е татко на мајката на Џамбазов – Анче Џамбазова.„Денеска ќе наполнеше 117 години. И малку ќе му беа.Толку многу го сакаше животот. Малку повеќе го сакаше филмот. А, најмногу театарот.Јас му бев на солидното шесто место. Но, научив од него работи кои ги нема во книгите, скриптите и енциклопедиите. Научив како се сака оваа наша професија.Мојот славен дедо 5-ре.Неговата среќна ѕвезда сè уште ме штити. Исто како и на оваа црно-бела фотка од ’Волшебниото самарче’…“, напиша тој.

Фото: Инстаграм/Игор Џамбазов

Да потсетиме, Петре Прличко остави зад себе богата актерска кариера, појавувајќи се во повеќе филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации.

И покрај тоа што бил запишан во гимназија, Петре Прличко не останал долго време таму. Во 1923 година ја напушта гимназијата и се приклучува кон патувачката група на Михајло Лазиќ. Откако прошетал низ неколку театарски дружини, во 1931 година, охрабрен од начинот на кој го примила публиката, тој основа свој сопствен театар „Боем“.

Од 1939 г. членувал во Народниот театар во Скопје, па од 1944 г. во партизанскиот театар „Кочо Рацин“ кој подоцна прераснува во Македонскиот народен театар. Токму тука неговиот талент блеснува во полн сјај и тој станува најзначајната личност на македонската сцена во тоа време. Во меѓувреме го испробува својот талент и како театарски режисер.

Со филмот „Фросина“ (1952) тој го доживува своето филмско деби. Со своите импресивни комични трансформации и изведби на улоги на „човек од народот“ го истакнува својот посебен уметнички сензибилитет, на ниво на кое може да му завидат многу други наши глумци.

Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: „АВНОЈ“, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, „Војдан Чернодрински“ (за животно дело), Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров), и други.

Прличко почина на 16 ноември, во 1995 година.

Од неодамна беше востановена наградата за животно дело „Петре Прличко“ која се доделува на глумец од средната генерација и таа се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и соодветна парична награда. Оваа година, оваа престижна награда отиде во рацете на македонскиот актер Тони Михајловски.



1 view

Comments


bottom of page