ФОТО | Внукот на Тоше, Кристијан, на посебен начин се потсети на својот вујко
- Aleksandar Santovski
- Aug 6
- 2 min read
06.08.2026 Avgust Cetvrtok
Кристијан Ристески, внукот на Тоше Проески, на посебен начин се потсети на својот вујко со нешто вредно кое потсетува на него.
Тој го покажа новото винилно издание на легендарниот албум „Игри без граници“. Фотографијата ја објави барот „Манифест“ од родното Крушево на Тоше, а во позадина на објавата е неговата песна „Јас не сум виновен“.
На фотографијата Кристијан во рацете го држи винилот, а внимание привлекува и тетоважата на неговата рака.
Винилното издание на „Игри без граници“ е ново и беше најавено во мај годинава како првиот винил на Тоше Проески. Издадено е во ограничен тираж, а винилот е транспарентен и во специјална боја. Ремастерингот го направи Кокан Димушевски, а мастерингот и печатењето се реализирани во Sony DADC во Австрија.
На 6 јуни годинава, во рамките на Интернационалниот саем на музика, винил и аудиоопрема во „Дајмонд мол“ во Скопје, беше организирано и премиерно преслушување на винилното издание на „Игри без граници“.
Оригиналниот албум „Игри без граници“ излезе во август 2007 година, само два месеца пред трагичната смрт на Тоше на 16 октомври. Речиси 19 години подоцна, албумот за првпат доби винилно издание.
И Кристијан е музичар, а љубовта кон музиката ја развивал уште како дете покрај својот вујко. Со Тоше го сними емотивниот дует „My Little One“, песна што Тоше ја напишал за својот внук. Кристијан имал само девет години кога ја снимиле, а песната подоцна беше објавена на постхумниот албум „The Hardest Thing“.
Во 2018 година Кристијан посериозно зачекори на музичката сцена со „We Are Blood“, на која работеше со британскиот продуцент и соработник на Тоше, Енди Рајт. Песната беше претставена на големиот концерт во Скопје во чест на Тоше, а подоцна се најде и на албумот „Secret Place“.
Кристијан студираше на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА во Скопје, а низ годините продолжи да се занимава со музика, носејќи ја со себе и силната семејна врска со својот вујко, од кого ја наследи љубовта кон музиката.







Comments