ФОТО/ВИДЕО: На двата пешачки моста останаа безимени скулптури, табличките исчезнаа, Град Скопје не р
ФОТО/ВИДЕО: На двата пешачки моста останаа безимени скулптури, табличките исчезнаа, Град Скопје не реагираПред неколку месеци таблите со имињата и другите податоци почнаа „мистериозно“ да исчезнуваат, за сега на Мостот на цивилизациите под ниту една од 32-те скулптури да нема табличка, а на Мостот на уметноста стојат уште на десетина скулптури од поставените 29.
Безимени скулптури ги пречекуваат гостите во Скопје при нивната обиколка на центарот на градот на двата пешачки моста, на Мостот на уметноста и на Мостот на цивилизациите во Македонија, попознат како Мостот „Око“. Празни зјаат местата на скулптурите за кои пред десетина години се платија огромни пари, а откако се направија, никој не се сети дека треба и да се одржуваат. Веќе шест месеци поминаа откако таблите со имињата и другите податоци почнаа „мистериозно“ да исчезнуваат, за сега на Мостот на цивилизациите под ниту една од 32-те скулптури да нема табличка, а на другиот мост што се протега од кејот на Вардар до зградата на Обвинителството таблички стојат уште на десетина скулптури од поставените 29. Безимени статуи на пешачките мостови / Фото: ”Слободен печат” – Драган МитрескиОдржувањето на мостовите е во надлежност на Град Скопје, но оттаму, иако знаат за постојната состојба досега ништо не преземаат, ниту одговараат дали планираат наскоро да ги обноват натписите. Нема информација ниту од МВР дали е фатен некој сторител, затоа што претпоставките се дека металните таблички завршиле во некој од отпадите за старо железо. Граѓаните што ги затекнавме вчера на мостовите велат дека веќе ништо не ги изненадува во Скопје, а некои од нив не ни забележале дека недостасуваат табличките со податоци. Други, пак, мислат дека и зад ова се „крие“ политика. Туристите веќе вообичаено се сликаат пред сето она што им изгледа интересно во градот, па така и на овие два моста. Нам не ни значи многу што нема податоци за скулптурите, иако е тоа малку невообичаено. Но, убави се, интересни и сакаме да се фотографираме тука – вели турист од Германија. Безимени статуи на пешачките мостови / Фото: ”Слободен печат” – Драган МитрескиДвата моста заедно со скулптурите се дел од фамозниот проект „Скопје 2014“, со кој тогашната власт го смени ликот на централното градско подрачје, па и денес, десетина години подоцна, мислењата на граѓаните за ваквиот вид „уметност“ се поделени. Но, без оглед на тоа фактите говорат дека и за изградбата на мостовите и за скулптурите се потрошија милиони евра. На Мостот на цивилизациите се поставени 32 скулптури на личности од чие време има археолошки пронајдоци во Македонија и кои, како што беше објаснето, оставиле белег на овие простори. Меѓу другите, на мостот се овековечени Пердика Први, Александар Први Филхелен, Аминта Трети, Гаврил Радомир, Филип Петти, Персеј, Свети Гаврил Лесновски, Јоаким Осоговски Свети Прохор Пчињски, Петар Делјан, Георги Војтех и многу други. За нивната изработка и поставување, според достапните податоци, се потрошени околу 40 милиони денари, односно околу 650 илјади евра. Нешто помалку чинат скулптурите на Мостот на уметноста, околу 36 милиони денари, односно околу 580 илјади евра, каде што се поставени 29 скулптури на писатели, композитори и уметници од поновата македонска култура. Во средината на мостот е претставена голема скулптура на браќата Миладиновци, висока три метри. И таа е сега без табличка со податоци. Од двете страни на оградите се поставени по 14 двометарски скулптури излеани во бронза на Тоше Проески, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димитар Кондовски, Петар Мазев, Григор Прличев, Стале Попов, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Блаже Конески, Ацо Шопов и други. Повеќето од нив сега се безимени. „Несреќната“ галија опожарена и полна со смет остана закотвена во Вардар Туристите можат да се сликаат и пред галијата со интересно име „Среќа“, која повеќе наликува на одамна напуштен пиратски брод, засекогаш закотвен во водите на Вардар. Претходниот градоначалник Петре Шилегов пред крајот на својот мандат донесе одлука галијата да се размонтира, но откако од неа беа извадени неколку штици, остана таква нефункционална до денес. Неодамна во неа избувна и пожар, па сега сликата е уште погрда – опожарена, со скинати едра и преполна со ѓубре. Од Град Скопје и покрај тоа што неколкупати упативме прашање не добивме одговор имаат ли некаков план со „несреќната галија“, дали ќе се размонтира или ќе се исчисти и санира, па ќе и се смисли некаква намена. Недавањето одговори никого не го амнестира од одговорност за негрижата.
Comments