ФОТО | „Ви благодарам“: Мадона објави нови фотографии по излегувањето од болница
Американската пејачка Мадона неодамна беше хоспитализирана поради влошена здравствена состојба, како последица на сериозна бактериска инфекција.
По излегувањето од болница, „кралицата на поп-музиката“ сега се огласи на своите профили на социјалните медиуми и се заблагодари за силната поддршка од обожавателите во овој тежок период за неа.
Во описот на првата фотографија, која ја сподели вчера и на која позира со букет розови ружи, Мадона напиша: „Една ружа може да биде моја градина. Еден пријател – сиот мој свет. Ви благодарам“, цитирајќи го американскиот писател Лео Бускаља.
Фото: Инстаграм/Мадона
Исто така, пејачката сподели и две фотографии како стории на Инстаграм, на кои гушка голема плишана играчка во форма на октопод.
Фото: Инстаграм/МадонаФото: Инстаграм/Мадона
Како потсетување, Мадона беше хоспитализирана кон крајот на минатиот месец, а нејзиниот долгогодишен менаџер Гај Осеари ја потврди веста дека причината за неколкудневниот престој во болница била „сериозна бактериска инфекција“.
Ова доведе до одложување на првиот дел од нејзината претстојна концертна турнеја „Celebration“. Турнејата требаше да почне на 15 јули, со концерт во Ванкувер, Канада. Сѐ уште не се објавени новите датуми на кои ќе се одржат одложените концерти во Канада и САД.
Но, Мадона ќе го одржи европскиот дел од турнејата, кој ќе почне на 14 октомври, со четири последователни концерти во Лондон, Англија. Потоа пејачката ќе настапи и во Белгија, Данска, Шведска, Шпанија, Португалија, Франција, Германија, Италија и Холандија. Овој дел од турнејата ќе го заврши со уште два концерти во Лондон – на 5 и 6 декември.
Од 13 декември годинава до 30 јануари следната година, Мадона ќе одржи повеќе концерти пред американската и мексиканската публика.
Comments