top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ФОТО | Бора и „Чорба“ со фантастичен концерт во Охрид: Добра ви е сезоната, ќе има парички

31.07.2023 Juli Ponedelnik

Бора Ѓорѓевиќ (Бора Чорба) е во фантастична пејачка кондиција, а и физички одлично се држи.

Легендарниот српски рокер и неговиот бенд „Рибља чорба“ синоќа одржаа одличен концерт во Античкиот театар во Охрид, на кој ќе се сеќаваат многу генерации.

Бора во еден момент се пошегува дека тој никогаш не бил млад.

„Јас сум роден со седа коса“, рече музичарот, а она што многумина синоќа го почувствуваа на Антички е таа негова „младост“ на 70 години.

Бора побавно оди, но може да скока на сцената. Се задишува кога зборува, но не и кога пее. Гласот му е свеж и моќен и сѐ уште ја зборува вистината за светот, и во старите и во новите песни. До него веќе го нема неговиот другар, басистот Миша Алексиќ, кој почина при крајот на 2020 година од последици од ковид-19. Но, затоа песните кои ги напишал како „Амстердам“ и „Ја ратујем сам“, уште живеат. Бора со многу емоции ја прочита последната песна на Миша, која се вика „Две гитаре“. Во неа, Миша кажува дека наскоро ќе си замине од овој свет. Себеси се нарекол лик кој не е важен и затоа им порачува на блиските да не трошат пари на погреб, туку само да вкрстат две гитари како споменик.

Миша доби силен аплауз од публиката од сите генерации. Цели семејства дојдоа да потврдат зошто „Рибља Чорба“ остана еден од најголемите регионални рокенрол бендови. Овации добиваше и Бора, преполниот Антички неколкупати скандираше „Боро мајсторе“, а Ѓорѓевиќ рече дека таков прием не очекувал.

Фото: Слободен печат

– Охрид е преполн, плажите, луѓето се капат. Добра сезона има годинава, нека биде добра, ќе има парички – рече Бора, а потоа раскажа приказна за неговиот другар Маре.

– Тој буквално плачеше од мака што не можеше да дојде во Охрид. Се напи и плачеше за Охрид. Затоа ние дојдовме, една поголема екипа од 30 луѓе – раскажа рокерот во свој стил.

Со оригинална смисла за хумор, во свој препознатлив стил, Бора објасни зошто не му е потребна Европската унија, дека „Чорба“ е старомоден бенд и дека тој сѐ уште многу ги сака жените.

Фото: Слободен печат

Веселата атмосфера не „падна“ во ниту еден момент, концертот на стариот мајстор и неговиот старо-нов бенд со кој се гордее, беше уживање од почеток до крај. При крајот, ја добивме „Лутка за насловне стране“ во една поинаква, акапела верзија. Всушност, ја испеа публиката, со мала помош од целиот бенд.

Бора остана должен за уште некоја песна, но она за што никогаш не ја ускратил својата публика во изминативе 45 години е срцето кое го дава на сцената на вакви, вистински добри концерти.









2 views

Comments


bottom of page