ФОТO+ВИДЕО | Овековечени во бронза: Мик Џегер и Кит Ричардс добија статуи во родниот Дартфорд
Бронзените статуи на Мик Џегер и Кит Ричардс, основачите и сѐ уште активни членови на групата „Ролинг стоунс“, беа претставени во нивниот роден град Дартфорд во Англија, пишува „Гардијан“.
Статуите, нарачани од градскиот совет на Дартфорд, ги прикажуваат фронтменот и гитаристот на „Ролинг стоунс“ среде музичка изведба – Мик Џегер со микрофон во раката, а Ричардс со неговата „Фендер телекастер“ гитара.
Фото: Yui Mok / PA Images / Profimedia
Бронзените фигури наречени „Блескавите близнаци“ (заедничкиот псевдоним под кој Џегер и Ричардс ги компонираа и продуцираа албумите на „Ролинг стоунс“) ги создаде Ејми Гудман, уметница која и самата признава дека е голема обожавателка на музичката група.
Гудман изјави дека ѝ е чест и привилегија да прикаже вакви „неверојатни музички икони“. Таа истакна дека нејзината цел била да ја долови нивната енергија и хемија.
Уметницата Ејми Гудман / Фото: Yui Mok / PA Images / Profimedia
Таа избрала да ги овековечи своите музички идоли во бронза, онака како што изгледале во осумдесеттите години на минатиот век, а во текот на десетте месеци работа на статуите ја слушала музиката на „Ролинг стоунс“.
„Бев нервозна и под голем притисок бидејќи тие се такви икони“, призна уметницата.
Ќерката и внуката на Кит Ричардс / Фото: Dartford Borough Council/Andy Barnes Photography. / Ferrari / Profimedia
Локалниот општински функционер Џереми Кајт истакна дека „момчињата“ од малиот Дартфорд сега се препознаени и сакани од целиот свет.
„На полето на културата и музиката нема многу повлијателни од „Ролинг стоунс“. Нивната музика го смени лицето на популарната култура и овие момци од Дартфорд сега се двајца од најпрепознатливите и најсаканите луѓе во светот“, рече Кајт.
На откривањето на статуите во центарот на Дартфорд присуствуваа ќерката на Ричардс, Анџела и внуката Ава, а самиот музичар сподели фотографија од статуите со два палци нагоре во знак на одобрување.
Comments