Формула 1 го смени форматот на спринт трките, два пати ќе се возат квалификации
Организаторите и Формула 1 тимовите се уште се во потрага по најдобриот формат за спринт трките, а времето ќе покаже дали вчерашните промени ќе влијаат позитивно меѓу возачите и кај фановите.
Сите инволвирани во шампионатот, вклучувајќи ја и ФИА, дале зелено светло за промени на овие мини трки кои се одржуваат ден пред главната трка, а целта е да се зголеми мотивацијата и желбата кај возачите да се борат за подобар пласман.
Класичните квалификации сега нема да важат за спринт трките и ќе го одредуваат поредокот за во недела, додека за спринт натпреварите ќе се возат посебни саботни квалификации кои временски ќе траат пократко.
Идејата е да се добијат пожестоки спринт трки, нешто што досега не беше докрај реално, бидејќи пласманот ги одлучуваше стартните позиции за главната трка, па голем дел од возачите не сакаа да ризикуваат на спринтовите.
Новиот формат ќе важи за сите шест спринт трки сезонава, вклучувајќи ја и таа во Азербејџан, а саботните спринт квалификации ќе ги заменат слободните тренинзи кои не беа атрактивни за гледачите и фановите.
Comments