Форматот со спринт би можел да стане стандарден во Ф1?
03.11.2021 Noemvri Sreda
Новиот формат на Формула 1 (Ф1) со спринт-трки би можел да стане стандарден пристап за секој гранпри-викенд, вели управниот директор на Ф1, Рос Браун, пишува „Би-би-си“. Браун рече дека Ф1 „сака да преземе прогресивни, а не радикални чекори“ со форматот. Ф1 во принцип се договори со тимовите и со раководното тело ФИА да го зголеми бројот на спринт-настани на шест в година, па тие проценуваат како да го изменат форматот за да ги применат лекциите од годинава, како што претходно објави „Би-би-си“.
– Внимателно преземаме чекор по чекор и од шест можете да одлучите дали сакате да го зголемите бројот. Ако го направиме тоа, тоа би било мера за успехот на спринтот. И ако тоа е форматот за иднината, тогаш сме тргнале на вистински начин – рече Браун.
Форматот „спринт“ беше воведен на три трки сезонава во обид да додаде дополнителна вредност за забава за време на Ф1-викендот. Квалификациите се преместуваат во петок за да се постават почетните позиции за спринтот во сабота. Резултатот од таа трка, пак, која е една третина од должината на главната неделна трка, ги одредува почетните позиции за главниот настан. Досега вакви трки имаше во Велика Британија и во Италија, а следува уште една во Бразил овој месец. Браун рече дека трките на кои ќе се одржат шесте спринтерски дисциплини в година не се одредени и рече дека друга опција што се разгледува во иднина е да се прогласи шампион во спринт, трофеј само за бодовите на трките со пократок формат.
– Работата е да се погрижиме никогаш да не го загрозиме главниот настан. Сакаме да го подобриме тоа, па затоа внимаваме да не го намалуваме неделниот настан што и да правиме – вели Браун.
Comentários