top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Формата и повредите создаваат проблеми пред дуелите со Грузија и Бугарија

Објавен списокот на фудбалери за средбите од Лигата на нации

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски даде објаснување во врска со повиканите фудбалери за натпреварите од Лига на нации против Грузија и Бугарија.

– Не случајно на списокот се наоѓаат 27 фудбалери. Имаме многу проблеми и непланирани работи што се однесува до здравствената состојба и формата на неколкумина фудбалери. Не сум задоволен од тоа и од таа причина се повикани толку фудбалери. Исто така, дел од играчите немаат клубови, неколкумина што се вели, пред некој ден најдоа клуб, а за формата да не говорам. Сите мора да ја подигнат формата во која се наоѓаат. Ние дојдовме на едно ниво што можеби е изненадувачки високо не само за нашата јавност, туку и пошироко и на сите сега ни е обврска да останеме на ова ниво, со тенденција да бидеме подобри – истакна Милевски на денешната прес-конференција.

Македонскиот селектор очекува фудбалерите да се издигнат над проблемите и да се даде максимумот доколку се појават шанси за првото место.

– Овие момци веќе редовно нѐ изненадуваат, посебно кога тимот се соочува со проблеми. Момците секогаш покажуваат дека се во состојба да се стават во функција на тимот. Тие проблеми ни даваат дополнителен мотив и додека постојат шанси ќе дадеме сЕ од себе да се бориме за највисок пласман. Овие мечеви во Лига на нации ги користиме за дооформување на ликот на тимот за тоа како треба да изгледа во иднина – кажа Милевски.

Во однос на здравствениот билтен, Милевски информира дека Дарко Чурлинов, треба да оди на дополнителни прегледи и потоа ќе се знаеме неговата состојбата, додека за Илија Несторовски, рече дека тој е играч кој има многу дадено за Македонија и моментно не заслужува повик само за да игра пет-десет или 15 минути.

– Несторовски кога ќе биде повикан планирам да го користам со максимална минутажа, а во моментов Милан Ристовски и Бојан Миовски се во предност зашто се во подобра форма – посочи предводникот на „црвено-жолтите“.

Македонските фудбалери ќе гостуваат во Тбилиси на 23 септември, а три дена подоцна (26 септември) ќе ја пречекаат Бугарија. Во групата од Лига на нации, македонската репрезентација со седум бодови од четири натпревари е на второто место. Грузија е лидер со десет бодови. Бугарија е трета со три, Гибралтар има бод од досегашните четири меча.

На списокот на селекторот Милевски се наоѓаат следните 27 фудбалери:

голмани: Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Кристијан Наумовски и Игор Алексовски.

одбрана: Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Езѓан Алиоски, Тодор Тодоровски, Стефан Ашковски, Никола Серафимов, Ѓоко Зајков, Бојан Димоски.

среден ред: Елиф Елмас, Енис Барди, Аријан Адеми, Енис Фазлагиќ, Агон Елези, Јани Атанасов, Стефан Спирковски.

напад: Милан Ристовски, Бојан Миовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Ваљон Етеми, Дориан Бабунски, Љупче Дориев.


2 views

Comments


bottom of page