top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Флората и фауната на Австралија под зголемена закана

21.07.2022 Juli Cetvrtok

Уникатните флора и фауна на Австралија се под закана повеќе од кога било, од шумски пожари, суша, човечка активност и затоплувањето на климата, покажува извештајот што го објави Владата на Австралија, кој е означен како шокантен. Извештајот за австралискиот екосистем, кој се спроведува на секои пет години, откри раширени нагли промени предизвикани од климатското затоплување, губењето на живеалиштата, инвазивните видови, загадувањето и рударството. Овие закани не се правилно управувани, што значи дека се на пат да создадат повеќе проблеми.

Сликата за штетите што ја посочуваат научниците во извештајот е значајна. Од почетокот на 20 век, просечната температура на земјата во Австралија е зголемена за 1,4 степен Целзиусов поради затоплувањето на планетата, што го забрзува влошувањето на флората и фауната. Австралиската министерка за животна средина, Тања Плиберсек, го опиша „шокантниот документ“ како историја на криза и влошување на австралиската животна средина.

Во пожарите од 2019 до 2020 година изгореа повеќе од осум милиони хектари вегетација, а во нив загинаа или беа раселени од еден милион до три милиони животни, според главните заклучоци од извештајот. Топлотниот бран во океаните предизвика масовно белење на коралите на Големиот Корален Гребен во 2016, 2017 и 2020 година. Оттогаш, владиниот извештај објавен во март покажа дека гребенот повторно претрпел масовно белење.

Милиони хектари шуми се уништени од 1990 година. Истото важи и за седум милиони хектари живеалиште на загрозени видови помеѓу 2000 и 2017 година, се наведува понатаму во извештајот. За пет години, повеќе од 200 растителни и животински видови од национално значење се додадени на списокот на загрозени видови според австралиските закони за животна средина.

– Австралија изгуби повеќе видови цицачи од кој било друг континент – се наведува во извештајот, додавајќи дека бројот на нови видови што влегуваат во категоријата загрозени е зголемен за осум проценти.

Од друга страна, австралиските градови се развиваат со брзо темпо, што доведува до зголемување на топлината, загадувањето и урбаниот отпад, а во исто време ги исцрпува водните и енергетските ресурси.

– Сиднеј изгуби повеќе од 70 отсто од својата природна вегетација поради развојот – се вели во извештајот.

Климатските промени особено ја погодуваат Австралија, која редовно е погодена од суша, разорни шумски пожари и сè почести и поголеми поплави.


4 views

Comments


bottom of page