ФИФПРО: Фудбалерките треба да играат повеќе натпревари
Фудбалерките треба да играат повеќе натпревари за да се спречи да се зголеми јазот меѓу најдобрите репрезентации и другите, се вели во извештајот на Синдикатот на фудбалери (ФИФПРО), пренесе „Би-би-си“. ФИФПРО го анализира бројот на минути што ги одигра секоја репрезентација во сезоната пред Европското првенство (ЕП) што се одржа неодамна во Англија. За разлика од преполниот календар за мажи, во извештајот се вели дека во повеќето женски лиги „фудбалерката може да одигра најмногу само 22 меча, што може да биде предизвик за континуираниот професионален развој“.
Лигата на шампионите за жени се наведува како натпреварување што го зголемило бројот на натпревари, но тоа е единственото европско клупско фудбалско натпреварување, додека фудбалерите имаат три европски купа. Извештајот, направен пред почетокот на ЕП 2022, покажа дека фудбалерките од Германија, Франција, Шпанија и од Шведска одиграле најмногу европски клупски натпревари. Три од овие селекции беа полуфиналисти на ЕП 2022. Англија, која стана европски првак, немаше толку многу играчи во европските натпреварувања, но таа репрезентација имаше просек од заеднички најмногу одиграни минути како резултат на тоа што има две домашни куп-натпреварувања.
– Некои играчи на ЕП не играат доволно. Сѐ уште има многу различни нивоа на подготвеност, уште треба да се подобриме во тие земји и особено во домашните лиги и тоа како ги развиваме за да се осигуриме дека ако се натпреваруваат на иста сцена, нивото на кое тие можат да се подготват е донекаде изедначено или малку поправедно. Во спротивно, за жал, ќе има ситуација кога јазот само ќе станува сѐ поголем, бидејќи се фокусираме само на еден дел од елитната пирамида – вели Сара Грегориус, директорка за глобална политика и стратегиски односи за женскиот фудбал во ФИФПРО, пренесе „Би-би-си“.
コメント