ФИФА ја промовира онлајн фудбалската академија
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го промовира иновативниот онлајн „Тренинг-центар“, кој ќе биде достапен за играчите и за тренерите од целиот свет. Покрај сеопфатната „банка“ на технички фудбалски информации, онлајн академијата содржи најразлични податоци развиени од водечките експерти во овој спорт и ја илустрира целта на ФИФА да ја искористи технологијата во корист на глобалната игра. Делот „Игра“ е дизајниран да помогне во развојот на тренерите, а под „Практика“ се достапни широк спектар тренинзи што имаат цел да ги негуваат основните вештини и квалитети што им се потребни на играчите за да напредуваат. Многуте содржини опфаќаат тренинзи за сите нивоа и за сите возрасни групи. – Анализите ги направивме да бидат клучен дел од „Тренинг-центарот“ за да им помогнеме на сите да се подобрат. Тоа е огромна иницијатива, бидејќи мислиме дека ФИФА ја има одговорноста да ги едуцира луѓето во светот и ова е една од главните алатки. Сакаме сите да го искористат тоа, особено тренерите. Ова е глобална алатка што му ја нудиме на целиот свет – вели шефот за глобален развој на фудбалот при ФИФА, Арсен Венгер. „Тренинг-центарот“ вклучува и дел за деталите што може да бидат клучни за оптимизирање на нивоата на перформанси во фудбалот. Се посочува дека играчите и тренерите треба да се развиваат на одржлив начин со помош на успешни поединци, кои ги откриваат клучните работи во целиот процес. – Модерната игра мора да ги интегрира сите. Затоа делот „Средина“ е толку важен. Денеска го нарекуваме социолошка средина на играчот и, бидејќи мора да биде правилна, се обидуваме да ги едуцираме сите што се наоѓаат во таа средина – вели Венгер.
„Тренинг-центарот“ е развиен како дел од значајната стратегија за одржлив глобален развој на фудбалот. „Шемата за развој на таленти“ содржи темелна анализа на фудбалот во 205 земји-членки, согледувајќи ги спецификите за тоа како тие работат со талентите и различните начини на кои работат со тренерите и со натпреварувањата. Обрнувајќи внимание на специфичните ситуации во секоја асоцијација, ФИФА може да придонесе со обезбедување алатки за зголемување на одржливата глобална конкурентност на фудбалот. – „Тренинг-центарот“ е достапен за секого. Ќе развиеме страници посветени на одредени групи, било да се технички лидери, тренери на национални тимови, менаџери на академии или тренери едукатори. Значи, ќе имаме различни целни групи, кои ќе имаат средина каде што ќе можат да учат едни од други, како и банка на информации достапна 24 часа на ден и 365 дена во годината – вели техничкиот директор на ФИФА, Стивен Мартенс.
Комментарии