ФИФА: Ги охрабруваме вакцинациите против ковид-19 и ја поддржуваме позицијата на СЗО
Updated: Oct 6, 2021
05.10.2021 Oktomvri Vtornik
Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги охрабри вакцинациите против ковид-19. Првата јасна назнака од ваков вид од ФИФА доаѓа во пресрет на заминувањето на играчите во своите земји на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Ги охрабруваме вакцинациите против ковид-19 и ја поддржуваме позицијата на Светската здравствена организација за безбеден, фер и правичен пристап во сите земји. Играчите не треба да имаат приоритет при вакцинирањето – велат од ФИФА, објави АП.
Многу клубови од англиската фудбалска Премиер-лига им забранија на своите играчи да патуваат во земји што се на црвената листа за време на меѓународните квалификациски натпревари што се играа во минатиот месец. Фудбалерите што заминаа на мечевите пропуштија неколку натпревари за своите клубови.
Британската влада минатата недела се согласи да ги олесни строгите барања за карантин за да им овозможи на целосно вакцинираните играчи да тренираат и да настапуваат на натпреварите при нивното враќање во Англија од земјите од црвената листа. Оние играчи што не сакаат да се вакцинираат, ќе мора да поминат 10 дена во карантин во владините хотели кога ќе се вратат во Англија, пишува АП.
– Прифаќаме дека оваа одлука не му помага на секој играч и затоа остануваме посветени на натамошно подобрување на состојбата и се приклучуваме кон дискусиите за да објасниме повеќе за мерките што ги преземаме за да ги намалиме ризиците од ширење на ковид-19, како резултат на патувањето на играчите – велат од ФИФА.
Comments