Финска заплени руски уметнички дела вредни 42 милиони евра
Updated: Apr 12, 2022
08.04.2022 April Petok
Финската царинска служба спречила враќање уметнички дела во вредност од околу 42 милиони евра во Русија, кои претходно биле позајмени за изложби во Западна Европа, пренесува „Ројтерс“.
Поради санкциите кои ЕУ ѝ ги наложи на Русија, од финската царина истакнаа дека ќе се консултираат со Брисел за нивниот статус како луксузна стока.
Царината запленила уметнички слики, статуи и антиквитети кои требало да се вратат во Русија преку Финска од Италија и Јапонија, каде што привремено биле позајмени од руски музеи и уметнички галерии, изјави Сами Ракшит, директор на финската царинска служба. Тој рече дека уметничките дела се сметаат за луксузни предмети кои потпаѓаат под санкциите на ЕУ против Русија, а се наметнати поради нејзината инвазија на Украина.
Конфискуваните предмети и натаму остануваат во руска сопственост, а ќе се чуваат под надзор на финската агенција за наследство додека се привремено запленети, соопштила царината.
Руските медиуми, пак, го пренеле соопштението од руското Министерство за култура во кое се вели дека конфискуваните уметничките дела од страна на Финска ѝ биле позајмени на Италија од водечките руски уметнички галерии како што се музејот „Ермитаж“ и државниот музеј „Царское Село“ во Санкт Петербург, како и Државната галерија „Третјаков“ во Москва. Другите уметнички дела, пак, кои пристигнале од Јапонија, потекнуваат од Државниот музеј за ликовни уметности „Пушкин“.
Финската царина, меѓу другото, изразила сомнеж дека десетина лица вклучени во транспортот се обиделе да ги прекршат правилата за санкции.
Минатиот месец два музеи во Милано рекоа дека ќе вратат неколку позајмени руски уметнички дела откако руските музеи побараа нивно предвремено враќање.
Comments