top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Филхармонија со концертот „100 метрономи“ и пијанистот Андреj Коробејников од Русија

Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот „100 метрономи“ кој ќе го води диригентот Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи пијанистот Андреj Коробејников од Русија. На програмата се вториот став од Симфонијата бр. 101 „Часовник“ од Хајдн, Концертот за пијано и оркестар бр. 5 и Симфонијата бр.8 од Бетовен и Симфониска поема „100 метрономи“ од Лигети.

Симфонијата бр.101, Јозеф Хајдн ја напишал околу 1793/94 година, за време на неговото патување во Лондон. Има и специфичен наслов „Часовник“ што доаѓа токму од пулсирачкиот ритам во вториот став, кој го продуцираат фаготите и гудачите. Тој интензивен ритмички пулс има музички контекст на круг кој се движи по иста траекторија и повторно се враќа назад.

Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур, Лудвиг ван Бетовен во напишал во 1809 година, а премиерно бил изведен на 28 ноември 1811 година во Лајпциг. Делото е напишано во духот на хероизмот, и музичката симболика го следи овој примарен контекст. Музиколозите го нарекуваат „апотеоза на милитарниот концепт“, брат на „Ероика“, поради блискоста на колоритот и емоциите.

Летото 1812 година, кога Лудвиг ван Бетовен опсесивно ја работел Осмата симфонија, го напишал најозлогласеното писмо во својот живот, адресирано до неговата мистериозна „Бесмртна сакана“. Колку и да звучи апсурдно, но сентименталноста на тоа писмо, неговата болка и срцепарателната содржина, на никаков начин не се рефлектирала во структурата на Осмата симфонија. Тоа е само едно, од низата „чудни“ и нетипични нешта што ја креираат аурата на ова музичко ремек-дело.

Унгарскиот композитор Герг Лигети, делото „100 метрономи“ го напишал во 1962 година. Изведувачи на делото се 100 метрономи, за кои Лигети напишал партитура и инструкции како треба да „свират“. Делото го изведуваат десет музичари кои имаат по 10 метрономи што ги местат на знак на диригентот, според инструкциите кои ги запишал Лигети. Композицијата звучи како вистинска ракета од какофонични звуци.

Андреј Коробејников ја започнал музичката кариера на возраст од осум години, кога во Баку се претставил со својот прв рецитал. Оттогаш до денес одржал бројни концерти ширум светот (Бразил, Канада, Кина, САД, Русија, Колумбија, Чешка, Данска, Германија, Латвија, ЈужнаАфрика, Турција, Австрија, Белгија, Монако итн.) пришто соработувал со познати диригенти, како што се: Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович итн. Иако често настапува како солист, тој свири и во камерни состави со музичари како Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибрагимова, Александар Књажев, Јоханес Мозер, Татјана Василева, Борис Березовски, Александар Палеј, Икујо Накамичи. Во своите настапи, Коробејников бил придружуван од повеќе оркестри, како: Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар итн. Понатаму, тој учествувал на повеќе престижни фестивали, како што се: „La Roque d’Anthéron“, „Festival de Radio France et Monpelier“, „Klarafestival“, „Young Euro Classic“, „White Nights“ и „Northern Flowers“. Во 2000 година бил избран за доживотен член на Одделот за уметност при Интернационалната академија на науките во Сан Марино.

Коробејников е добитник на првата награда на Третиот меѓународен натпревар за пијано „Александар Скрјабин“ во Москва и на втората награда на Вториот меѓународен натпревар за пијано „Сергеј Рахманинов“ во Лос Анџелес.Критиката го нарекува атипичен уметник кој прави совршени рецитални програми во кои поезијата и литературата се спојуваат со музиката.


1 view

Коментарі


bottom of page